Македонија
28. December 2016 - 15:24

Новогодишни пакетчиња за децата без родители во Куманово

Градоначалникот на општина  Куманово Зоран Дамјановски, денеска организираше традиционален предновогодишен прием за децата без родители и деца сместени во згрижувачки семејства, а ги посети и децата сместени во детското одделение на општата болница Куманово.

На средбата Дамјановски и Дедо Мраз на четириесет и две деца им подарија новогодишни пакетчиња, посакувајќи им успех и здравје на нив и на нивните старатели и згрижувачи.

- Би сакал да ви посакам, здравје и среќа и не само на децата и на семејствата кои се грижите за оваа социјална категорија. Повеќе семејства во Куманово се инволвирани во оваа програма, која спроведува едно од најтешките и најхуманите задачи, грижа и воспитување на децата без родители, изјави Дамјановски.

Според Марија Милановска од Центар за социјални работи Куманово без згрижувачките семејства не би се постигнала целта за безгрижно детство на овие дечиња.

- Тука се и старатели роднини на дечиња кои останале без родители и родителска грижа и секако и тие се за поздравување. Ова е една хумана мисија и не секој може да ја исполни. Треба да се има големо срце, голема храброст, а секако потребна е и поддршка од повеќе институции. Во таа насока даваме благодарност и на општината затоа што секоја година соработуваат. Скромно колку се може да се помогне, секој од нас со мала помош и поддршка, рече Милановска.

Згрижувачот Сузана Величковска од Куманово вели дека е горда што е згрижувач и апелираше до младитее да се вклучат во оваа работа и да бидат хумани.

- Кој има едно дете да згрижи уште едно, изјави Величковска.

Децата кои се сместени на детското одделение и кои празниците ќе ги поминат во болницата, исто така, добија новогодишни пакетчиња.