Македонија
4. December 2015 - 13:45

„Новогодишни бои на Скопје“ - натпревар за најдобро украсени објекти

Град Скопје и оваа година ја организира манифестацијата „Новогодишни бои на Скопје“ - натпревар за најинтересно и најкреативно новогодишно украсување на домови и работни простории, кои придонесуваат во разубавување на празничниот амбиент на градот.

Традиционално, ќе се избираат најубаво новогодишно украсени: двор од индивидуална станбена куќа; тераса од стан; угостителски објект (надворешно) и двор на средно училиште.

Заинтересираните граѓани и правни субјекти кои сакаат да се натпреваруваат може да се пријавуваат од 7 до 21 декември 2015 година, на телефонскиот број 3297 265, од 9 до 16 часот.

Фотографиите од украсените објекти, заедно со податоците за сопствениците, телефонскиот број и адреса, учесниците треба да ги пратат на интернет-адресата: mediumi@skopje.gov.mk  или на адреса: бул. „Илинден“ бр.82, со назнака: За манифестацијата „Новогодишни бои на Скопје“.

Пријавените објекти ќе ги посети жири-комисија составена од претставници на медиумите.

- Градот Скопје и годинава обезбеди награди од 10 000 денари, што ќе им бидат доделени на првонаградените од трите категории, исто така ЕВН Македонија ќе ги ослободи првонаградените во сите категории, еднократно од плаќање на сметката за потрошена електрична енергија за декември 2015 година, соопшти Град Скопје. 

Наградите на најуспешните на крајот на декември ќе им ги додели градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, со претставници од ЕВН Македонија.