Македонија
29. December 2018 - 13:32

Новогодишен базар во Македонска Каменица и Делчево

Во организација на гимназијата „Миле Јаневски Џингар“ и деветолетката „Св. Кирил и Методиј“, со активна вклученост на лицата од Здружението „Порака“ во Македонска Каменица, се одржа хуманитарен новогодишен базар. Голем број новогодишни украси, честитки, храна и реквизити се продаваа по симболични цени, а собраните средства ќе бидат донирани за лицата со посебни потреби во делот на реализација на мерки за нивна целосна интеграција во општествениот живот.
 
Хуманитарен новогодишен базар се одржа и во детската градинка „Бамби” на кој беше подготвена здрава трпеза со храна од вработените во установата.
 
Настанот го поздравија градоночалничката на општина Македонска Каменица Соња Стаменкова, како и генералниот директор на Рудник „Саса“, Олег Телној кои зедоа активно учество во неговата реализација.
 
Во Делчево традиционално новогодишен базар се одржа во деветолетката „Ванчо Прке”. Како што информираше директорот на училиштето Горан Велков, на новогодишниот базар, учениците пред своите родители се претставија со своите креации.
 
– Денес нашите првооделчиња ја реализираат Новогодишната забава со Новогодишен Базар на кој дечињата ќе се претстават пред своите родители и пред гостите. Со овој настан ја завршуваме 2018 година во која имавме голем број на успеси.  На сите наставници, дечиња и родители им посакуваме Среќна Нова Година со желби за уште поголеми успеси во 2019 година, истакна Велков.
 
Собраните средства од новогодишниот базар,  како што информираше заменик директорката на училиштето, Маријана Стоименовска, ќе бидат наменети за потребите на ученици од социјален ризик.