Бизнис
14. February 2019 - 21:52

Ново зголемување на минимална плата ќе ги истера инвеститорите

Ново зголемување на минималната плата ќе ги одбива инвеститорите од Македонија, како локација за инвестирање, велат од Германската стопанска комора. Според нивното истражување, новиот закон за минимална плата ќе ја намали атрактивноста на земјава бидејќи компаниите ќе се соочат со дополнителни непланирани трошоци.

“На почетокот на оваа година се изгласа законот за зголемување на данокот на доход од 10% на 18% за примателите на плата повисока од 900 евра нето. Доколку се донесе и законот за зголемување на минималната плата, повторно компаниите ќе се соочат со дополнителни давачки кои не се навремено предвидени во нивните буџети”, велат од Делегацијата на германското стопанство во Македонија.

Дури 85% од анкетираните компании сметаат дека за вакви одлуки Владата треба да ги извести една година однапред. Токму ненавременото информирање е причина што две третини од компаниите не го испланирале покачувањето во својот буџет за годинава.

Од ТИРЗ сметаат дека реакциите на инвеститорите, без разлика дали се домашни или странски, се оправдани, но тоа е одлука што ја носи Владата. Се согласуваат дека фирмите треба однапред да бидат известени.

Претходно и Светска банка предупреди дека ваквата одлука за ново покачување на минималецот ќе ја зголеми сивата економија и стапката на невработеност, особено кај младите.

Наспроти овие предупредувањата, минисетрката за труд, Мила Царовска, рече дека минималната плата ги дала посакуваните резултати, а за годинава се планира и ново зголемување. Неофицијално сумата би изнесувала околу 14 илјади денари.

Во спроведеното истражување Германската комора ги анкетирала македонските и странски компании што вршат индустриско производство во Македонија.