Македонија
29. јуни 2018 - 9:37

Ново рочиште за „Топлик“

Во Кривичниот суд за денеска е закажано ново рочиште за случајот „Топлик“ на Специјалното јавно обвинителство, каде првоосомничен е ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град“ во Сопиште.

На претходното рочиште обвинителите на СЈО ги причитаа 608-те материјални докази во врска со предметот. Судијата Осман Шабани го прекина рочиштето со цел, како што рече обвинителите на СЈО да се подготват за презентација на доказите кои се побарани од одбраната на обвинетите во овој случај.

Одбраната од судот побара на следното рочиште да биде повикано и вештото лице Борис Тунчев со цел да биде сослушан.

Според обвинението на СЈО, првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“.