Македонија
13. January 2020 - 8:22

Ново рочиште за „ТНТ“ и покрај преписките меѓу адвокатите, Судот и Судскиот совет

Во Основниот кривичен суд Скопје за денеска е закажано ново рочиште за предметот „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски и покрај преписките меѓу адвокатите, Судот и Судскиот совет околу истекот на мандатот на поротничката Лилјана Ивановска Кочовска, која е дел од судечкиот совет за  овој предмет.

Одбраната очекува денешното рочиште да биде одложено, бидејќи адвокатот на обвинетиот поранешен градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски, Јовица Страшевски е на одмор. Но, претседателот на Судот одлучи на негово место да назначи адвокат по службена должност, кој и претходно бил ангажиран како бранител на обвинетиот Трајковски.

Адвокатот на една од обвинетите во „ТНТ“, Мерџан Дауити вчера во соопштение го прозива Судскиот совет да не молчи. – Во текот на утрешниот ден охрабрете се, не потклекнувајте на никакви притисоци, закани, уцени или ветувања. Донесете законита одлука во интерес на владеењето на правото, напиша Даути.

По серијата отворени писма од адвокатите Јовица Страшевски и Мерџан Даути одговори и реакции пристигнаа од Основниот кривичен суд Скопје, Судскиот совет, Министерството за правда, Здружението на судии и Адвокатската комора.

Основниот кривичен суд Скопје апелираше до Адвокатската комора, МВР, но и Обвинителството да преземат соодветни мерки и да ги истражат елементите на закани и притисоци упатени кон Судот и судијата – поротник, во однос на изјавите на дел од адвокатите во предметот „ТНТ“ повеќе да не се појавуваат на судења бидејќи со тоа ќе направат кривично дело.

Судскиот совет на РСМ го осуди однесувањето на адвокатот Страшевски, бидејќи како што наведуваат во соопштението, Страшевски покрај улогата на бранител, настојува да ја менаџира постапката во случајот „ТНТ“’, да ја преземе и улогата на судија, спротивно на принципот на владеење на правото чиј сегмент е и принципот на судење во разумен рок.

Од Судскиот совет информираа дека барањето на претседателот на Основниот кривичен суд Скопје за продолжување на мандатот на судија-поротник било ставено на дневен ред на 328-та седница на Судскиот совет од 25.12.2019 година. – Дел од точките од дневниот ред беа одложени за 30.12.2019 година. Поради немање кворум за одлучување и потребата материјалите да бидат доставени на увид и проучување на новоизбраниот член на Советот, седницата се одложи за 27.01.2020 година, се додава во соопштението објавено на  веб-страницата на Судскиот совет.

Министерството за правда со апел до носителите на јавни овластувања во судските постапки – судиите, адвокатите, обвинителите да го почитуваат законот, а доколку дојде до негово прекршување – тоа да биде санкционирано.

–  Апелираме сите носители на јавни овластувања во судските постапки – судиите, адвокатите, обвинителите, да го почитуваат законот, а доколку дојде до негово прекршување – истото да биде санкционирано. Министерството за правда досега не коментираше актуелни судски постапки и останува на тој став, почитувајќи го принципот на немешање на извршната во судската власт, стои во реакцијата од Министерството.

Адвокатите на обвинетите на неколку рочишта за случајот „ТНТ“ укажуваа на судечкиот совет дека мандатот на поротничката Лилјана Ивановска Кочовска е завршен на 24 декeмври 2019 и дека според Законот за кривична постапка, доколку дојде до каква било промена на составот на судечкиот совет, судската постапка мора да започне од почеток.

Сепак, постапката продолжи и беа одржани неколку рочишта и по 24 декември, а судечкиот совет, укажуваше на фактот дека не е во нивна надлежност да одлучуваат за престанок на мандат на судија поротник и оти тоа е прашање на Судскиот совет.

Најостра осуда на нападите врз независноста на судството стигна и од Здружението на судиите, кое ги повикува надлежните институции да преземат конкретни активности во насока на обезбедување на принципот на владеење на правото и целосното функционирање на правната држава.

Од Здружението на судии ги осудуваат сите видови опструкција на правдата, повикувајќи ги сите надлежни институции во рамки на нивните надлежности да преземат конкретни активности во насока на обезбедување на принципот на владеење на правото  и целосното функционирање на правната држава.

По прозивките се огласија и од Адвокатската комора на РСМ. Во соопштение до медиумите посочија дека ќе го достават сите докази за овој случај до дисциплинските органи на Комората, кои се надлежни за утврдување на евентуална повреда сторена од адвокат.

Во меѓувреме поротничката Лилјана Ивановска Кочовска поради заканите да не се појави на рочиштата за „ТНТ“ поднесе оставка, по што доби обезбедување. – Неспорен е фактот дека судијата – поротник побара прием кај претседателот на Судот на кој му се пожали дека добива закани да се откаже од постапување во конкретниот предмет за што е доставена и изјава. Откако е посочено дека Судот ги користи сите легални механизми да го заштити интегритетот и угледот на секој судија и судија – поротоник и доколку е неопходно институциите може на секој судија и судија – поротник да му овозможат и обезбедување, поротникот се согласи да продолжи да постапува се до евентуално разрешување од Судскиот совет, соопштија од Судот.

Во предметот „ТНТ“ обвинети се поранешниот министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, вработени во Општина Гази Баба, како и поранешен премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија.