Македонија
25. April 2018 - 18:34

Ново рочиште за „ТЕНК“ - Сведоците сведочеа за неопходноста од набавката на владиниот мерцедес

За случајот ТЕНК сослушани се уште двајца сведоци и двајца вештаци. Според сведокот Зоран Василевски кој работел во АУТО МАКЕДОНИЈА од пред десетина години во Македонија  постои регулатива  преземена од ЕУ за антимонополски статус на продажба на возила. Пред судот сведочеше и Дејан Митревски Урко како поранешниот шеф на обезбедување на екс премиерот кој истакна дека возилото во кое се превезувал Груевски било старо и често се расипувало а за истото фабриката повеќе не произведувала таков вид на гуми и авто делови. Урко раскажа ситуација кога откажала хидроуликата на сред угорница на патот кон Вила Водно, по што и тој како совозач морал да го влече воланот за да не удрат во куќа, но сепак удриле во столпчиња при што била предизвикана минимална материјална штета.Тој истакна дека повеќе пати поради овие причини барал од премиерот да биде набавено ново возило. Според Груевски денешните искази даваат нова светлина во случајот и уште еднаш потврдуваат дека тендерската процедура не била незаконска.

Судот го сослуша и вештакот Страхил Глигоровски кој рече дека бил ангажиран од странска подружница во Скопје. Тој истакна дека компанијата од каде е купено блиндираното возило не направила екстра профит. На вториот вештак кој е машински инженер и поранешен пратеник и министер Тале Герамичиевски судот не дозволи да одговори на поголем број прашања  по приговори на СЈО.

Судењето продолжува на 9 мај кога одбраната треба да ги изведе своите докази. Претходно за овој случај на СЈО беа сослушани и 11 други сведоци кои исто така потврдија зошто било неопходно да се набави ново блиндирано возило.