Македонија
12. November 2019 - 15:04

Новите технологии и пружањето на услуги кон граѓаните во фокусот на реформата на администрацијата

Фокусот на реформата на администрацијата се менува и акцентот полека преминува кон новите технологии и пружањето на услуги кон граѓаните.Тоа ќе продолжи и во наредната година, порача министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на Годишната конференција на РеСПА за реформа на јавната администрација на тема: „Дигитална трансформација: Реформа на јавната администрација за дигиталната ера“ што денеска и утре се одржува во Скопје.

Тој посочи дека земјите од регионот заедно веќе постигнаа многу и додаде дека трансформацијата на процесите во државите од Западен Балкан ќе биде многу поедноставна и поквалитетна ако се прави регионално и координирано за што, како што кажа, многу важна улога има Регионалната школа за јавна администрација (РеСПА), особено во координацијата.

– Северна Македонија годинава што изминува беше претседавач на РеСПА, а таа улога сега и ја предаваме на Црна Гора. Фокусот во годината што доаѓа ќе биде испораката на услугите на граѓаните со помош на алатките што ни ги нудат новите технологии, рече Манчевски на прес-конференција и додаде дека веќе драстично се намалени цените за роамингот во Западен Балкан, а роамингот целосно ќе се укине на 1 јули 2021 година.

Потсети дека земјава го пушти во употреба Централниот регистар на население, а до крајот на месецов ќе го пушти во употреба и Националниот портал за електронски услуги.

-Обезбедивме гаранција електронските документи да имаат иста правна и доказна сила како документите на хартија. Законите гарантираат целосна доверливост и заштита на личните податоци, а со транспонирањето на европската регулатива добивме соодветни основи за безбедни и доверливи електронски услуги, рече Манчевски.

Министерката за јавна администрација на Црна Гора, Сузана Прибиловиќ посочи дека РеСПА во континуитет им дава поддршка на владите на земјите од Западен Балкан.

-Претседавањето со РеСПА ќе ни биде силен предизвик ако се земат во предвид искуствата и успесите кои ги постигна Северна Македонија во реформата на јавната администрација во изминатиот период. Во фокусот на нашите активности ќе биде давањето услуги, бидејќи тоа е она што најмногу го чувствуваат нашите граѓани од нашите реформски активности, рече Прибиловиќ.

Потенцира дека развојот на јавната администрација и јавните услуги претставува  незаобиколна тема во рамките на процесот на дигитална трансформација на секоја држава.

-Средбата во Скопје е можност земјите од Западен Балкан да разменат искуства од доменот  на дигитлната трансформација на јавната администрација и да се идентификуваат добрите практики и следните активности, рече Прибиловиќ.

Фрек Јанмаат од Делегацијата на ЕУ во Скопје посочи дека денешната средба е добра за да се споредат реформите во јавната администрација во различни земји и да научат едни од други, а ЕУ да продолжи со централната поддршка од Брисел и локаната  од различните канцеларии на Унијата во регионот. Како клучни за регионот ги посочи подобрувањето на услугите за граѓаните и компаниите и подоброто управување со финансиските ресурси и нивното трошење на поефикасен начин.

Нагласи дека пред од пет години прашањето на реформата на администрацијата беше вклучено во пристапниот процес на кандидатите за членство во Унијата како една од фундамнеталните реформи заедно со владеењето на правото.