Македонија
18. December 2017 - 16:55

Новите министри ќе чекаат на доверба од пратениците уште една недела, Заев се уште не ги предал предлозите

Остануваат непознати имињата но новите министри во Владата на Зоран Заев. Икако премиерот најави дека денеска во Собранието ќе ги достави предлозите за трите испразнети министерски позиции сепак предлози се уште нема. Она што е извесно е дека за новите министри, според вицерпемиерот Бујар Османи, парламентот веројатно ќе гласа на седницата закажана за 25 декември.  До тогаш според Османи ќе траат нови консултации за тоа кој се ќе даде поддршка на Владата и кои промени ќе се направат во владиниот состав.

Според досегашните неофицијални информации се прават напори во Владата да се задржи Зијадин Села. Тој би добил едно министерско место, но според партиски извори од СДСМ тој го гуви досегашниот ресор – здравство и него го презмеа партијата на Заев. За таму веќе се споменува името на Венко Филипче.

Села, според нашите информации, пак, дефинитивно го одбил предлогот за вицепремиерско место за реформи и инсистирал да го задржи она во здрваство или пак, да ја добие локална самоуправа.

Весел Мемеди од НДП, партијата која беше во коалиција со Села, но и која го држи ресорот на локална самоуправа, пак,  вели дека останува во владината коалиција.

Без промени во ресорите би била ДУИ, брифираат од партијата на Али Ахмети. Но, интегративците не откриваат кои кадри ќе ги пополнат нивните испразнети позиции.

Освен за распределба на ресорите и кадрите, Заев деновиве ќе мора да работи и на обезбедување на најмалку 61 пратеник во Собранието. Без двајаца пратеници од Зијадин Села во прашање се доведува досегашното мнозинство од 62 пратеници.  Дополнително неопходно е пред изборот на министрите на 22 декември  да биде ратификуван пратеничкиот мандат на Самка Ибраимовски.  Според неофцијалните информации на ДУИ и СДСМ,  се бара поддршка и на еден до двајца пратеници. Не се открива дали еден од нив е и Амбди Бајрам кој во петокот се појави на седница иако колицијата на ВМРО-ДПМНЕ не учествува во работата на Собранието.