Македонија
21. јуни 2016 - 17:00

Новите 40 чешки полицајци пристигнаа во Гевгелија

Поддршката која македонската полиција ја добива на југот од државата од страна на неколку европски земји продолжува. Чешка чии полицајци во изминатите месеци активно учествуваа во обезбедувањето на јужната гранична линија и справувањето со мигрантската криза повторно испрати полициски контингент во Македонија.

Станува збор за 40 полициски службеници кои од утрово веќе се пристигнати во Македонија, а  од четврток треба да стапат на должност. Според најавите тука треба да останат  околу месец и половина и за тој период во мешани патроли заедно со полицајци од Македонија ќе бидат распоредени на зелената граница со Грција со  цел да ја контролираат околината на Гевгелија близу границата  каде притисокот за нелегални премини после дислокацијата на дивиот камп кај Идомени е намален, но обиди за нелегален влез и понатаму има.

Откако започна бегалската криза ова е трет пат чешката полиција да испраќа свој полициски контингент на македонската јужна граница, последен пат нивни полицајци во Македонија беа пред околу месец и половина.  Во моментов македонските полицијаци помош во обезбедувањето на јужната гранична линија освен од нивните чешки колеги добиваат и од околу 90 полицајци од Австрија, Србија, Хрватска и Словенија.