Македонија
1. August 2015 - 16:27

Новиот закон за управна постапка ќе придонесе за поефикасна администрација

Со новините кои што се воведуваат со Законот за општа управна постапка граѓаните ќе добијат многу поефикасна администрација, изјави денеска во Битола Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

Тој појасни дека роковите за сите управни постапки максимално изнесуваат 30 дена, освен за мал дел на услуги во кои што со материјалните закони се подолги и тоа најчесто кога станува збор за институција на која што и е потребна информација од меѓународни институции. Покрај ова ефикасноста треба да се зголеми и преку електронска комуникација.

-Втора новина која што е многу значајна и тука е ефикасноста која што ја воведуваме со информатичката технологија што се воведува во институциите, е што со електронската комуникација која што е задолжителна помеѓу институциите, бидејќи со овој закон таа ќе биде задолжителна помеѓу државните институции. Тука ќе се скратат роковите на три дена размена на комуникација од институција до институција. Со тоа ќе може да се постигне граѓаните да ја добијат услугата во предвидениот рок од триесет дена. Значи ако претходно граѓаните само комуницираа писмено, сега воведуваме уште една новина каде што ќе можат тоа да го прават и електронски преку е-маил, со користење на електронски потпис. Така ќе можат да се обратат до институциите и веќе кога ќе се прати таа порака роковите од триесет денови почнуваат да течат. Институциите мора да се организираат за да им одговорат и да им излезат во пресрет на граѓаните и тоа ќе биде делот од ефиканоста што се воведува со Законот за општа управна постапка, вели Ивановски.

Новина е и тоа што документите кои се пренесуваат од првостепена до второстепена комисија ќе бидат електронски скенирани.

-Доколку во минатото граѓаните често можеа да кажат дека кога се праќаат списите на целата документација од првостепена до второстепена комисија некој документ недостасува, по што граѓанинот повторно го бара да го достави или пак се загубил во постапката, сега кога ќе се скенираат сите тие документи ќе има многу јасна трага дали се скенирани сите документи или дали сите документи се испратени од една до друга институција, истакна министерот Ивановски.

На овој начин и второстепената комисија ќе може многу побрзо да ги решава предметите.