Македонија
23. July 2019 - 8:20

Новиот закон за ЈО влегува во собраниска процедура

Предлог-закон за Јавно обвинителство Владата денеска ќе го испрати во Собранието. Од Министерството за правда очекуваат пратениците своите ставови да ги кажат во законодавниот дом, а ако имаат забелешки и да поднесат амандмани.

Од Министерството за правда велат дека очекуваат поддршка од сите пратеници, но ги зачудува измената на ставот на ВМРО-ДПМНЕ во врска со предлогот Вилма Русковска да биде на чело на новото Јавно обвинителство за гонење криминал и висока корупција.

-Очекуваме поддршка од сите, особено што ВМРО-ДПМНЕ кога поднесе до Министерството амандмани на претходниот текст на законот предложи СЈО да биде дел од Јавното обвинителство за организиран криминал, а не предлагаше никакви кадровски промени во обвинителството за организиран криминал, што практично значи дека во новиот текст на законот е прифатен нивниот предлог Јавното обвинителство на чело со Русковска да ги води случаите на СЈО. Сега зачудува измената на нивниот став по ова прашање, истакнуваат од Министерството за правда.

За опозициската ВМРО – ДПМНЕ во моментов е неприфатливо новото обвинителство да го предводи актуелната шефица на Јавното обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.

Лидерот на  ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека Предлог законот не е предлог за воспоставување на обвинителство кое ќе биде независно и кое ќе гони вистински криминал, туку намерата е воспоставување обвинителство што ќе биде по теркот на Заев и во функција на криминалниот октопод.

Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов, пак изјави дека предлогот Специјалното јавно обвинителство да се интегрира во рамките на Јавното обвинителство е токму на ВМРО-ДПМНЕ.
 
-Предлогот обвинителката Вилма Рускоска да го води ново Јавно обвинителство за организиран криминал не е одлука на политичарите.
 
Рускоска во моментов е прв човек на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, вели Костадинов.Премиерот Заев минатата недела посочи дека е потребно законот да се донесе летово, а најдобро е овој месец, бидејќи прашањето не смее да се пролонгира со оглед на тоа што очекуваме датум за преговори.

Законот за Јавно обвинителство и решавање на статсусот на СЈО, заедно со засилената борба против корупцијата е и едно од барањата на ЕУ за почеток на преговори за членство.

Коалицискиот партнер ДУИ дава јасна поддршка за предложеното решение, но велат кој ќе го води новоформираното обвинителство не треба да одлучуваат партиите, туку Советот на јавни обвинители.

Неизвесен е ставот на осумте независни пратеници што дадоа поддршка за уставните измени во контекст на Преспанскиот договор.

Од Алијансата за Албанците велат дека за нив прифатливо е само доколку на чело на новото обвинителство дојде човек назначен од Европската Унија.

Од Движењето БЕСА велат дека нема да го подржат новото законско решение, доколку не претрпи битни измени. Тие го условуваат поддржувањето на законот со претходен договор за предвремени избори.

Новиот закон за Јавно обвинителство е предложен, откако претходно немаше успех на средбите на работните групи на власта и опозицијата.

Со интегрирањето на СЈО и  Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, новото обвинителство ќе се именува во Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција со надлежност на цела теритоија на земјата и гаранции за самостојно дејстување, кое одговара на сегашната позиција, а сепак е во хиерархија и субординација на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Сите обвинители од СЈО можат да продолжат да работат во ова ново обвинителство. Нивниот мандат истекува на 15 септември, а тие имаат право на реизбор, ако сакаат да се кандидираат. Истото важи и за останатиот персонал, а архивата, опремата ќе бидат префрлени во новото обвинителство.

Јавното обвинителство за гонење криминал и висока корупција ќе биде надлежно за најсложените форми организиран криминал и висока корупција, позната како корупција на белите јаки, велат од Министерството за правда.

Со преодните одредби, предвидено е законот да отпочне да се применува на 15 септември.