Македонија
12. March 2019 - 15:06

Новиот закон за инспекциски надзор во собраниска процедура

 

Надминување на неконзистентноста и детектираните слабости во применувањето на сегашниот Закон за инспекциски надзор и воведување нов концепт преку планирање врз основа на процена на ризик и воедначено вршење на инспекцискиот надзор, со што ќе се постигне поголема транспарентност, предвидливост и правна сигурност за субјектите на надзор, има за цел донесувањето нов закон кој денеска во прво читање помина на седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Заменик министерот за информатичко општество и јавна администрација Александар Бајдевски, истакна дека новото решение треба да овозможи превентивен пред репресивен аспект на инспекцискиот надзор, преку воведување опомена како примарна инспекциска мерка и рок субјекот да ја отстрани неправилноста.

Со законот, според него, се зголемува сигурноста и предвидливоста за субјектите на надзор, со задолжителноста на листите на проценка и степенувањето на ризикот, се подобрува ефективноста на Инспекцискиот совет, како и координативните и контролни механизми за следење на работењето на инспекциските служби.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНE Ане Лашкоска истакна дека имаат повеќе забелешки на предложениот закон и најави оти ќе интервенираат со амандмани, но рече, какви ќе бидат тие ќе одлучат откако на јавна расправа ќе го чујат мислењето на засегнатите страни.

На седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во прво читање беа разгледани и измените на Законот за државни награди, со кои треба да се овозможи востановување нова државна награда за унапредување на човековите права која ќе го носи името на Мето Јовановски. Се предлага наградата да се врачува на 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.

Иницијативата за востановување државна награда од областа на човековите права која би го носела името на основачот и прв претседател на Хелсиншкиот комитет Мето Јовановски, до Владата на Република Македонија е поднесена од  Хелсиншкиот комитет.
Мето Јовановски (1928-2016) беше писател, преведувач, долгогодишен уредник на филмската програма на МТВ, претседател на Македонскиот ПЕН- центар, основач на Форумот за човекови права, на Хелсиншкиот комитет за човекови права, како и еден од основачите на невладината организација за борба против корупцијата „Транспарентност-нулта корупција“. Како активист од областа на човековите права, Мето Јовановски учествуваше на познати меѓународни конференции на кои активно ја застапуваше потребата за промоција на човековите права во Република Македонија и во регионот.

Со востанувањето на државната награда од областа на човековите права која ќе го носи името на Мето Јовановски ќе се создаде правна основа да се оддаде општествено признание на поединци, групи лица, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани кои со нивната активност дале придонес кон промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.

Во согласност со Законот, во земјава се доделуваат државните награди „11 Октомври“,  „23 Октомври“ „22 Ноември“, „8 Септември“, „Св. Климент Охридски“ „Гоце Делчев“,  „Мито Хаџи Василев Јасмин“, „Мајка Тереза”.