Балкан
4. јуни 2016 - 10:19

Новиот српски Парламент не успеа да избере свој претседател

Пратениците од новиот состав на српското Народно собрание на својата вчерашна конститутивна седница не успеаја да изберат свој претседател, јави ТАСС.

Седницата на Собранието беше прекината синоќа поради разгорените страсти за време на дебатата околу изборот на Маја Гојковиќ за претседател на Парламентот.

Гојковиќ, која е членка на владејачката Српска напредна партија (СНС) на премиерот Александар Вучиќ, беше претстедател на Собранието и во претходниот парламентарен состав.

Реизборот на Гојковиќ беше сметан за формален чин, бидејќи коалицијата „Србија победува“ предводена од СНС има апсолутно мнозинство од 131 пратеник во 250-членото Собрание.

Но, поради разжестената дебата, претседавачот со Собранието, најстариот пратеник Драгољуб Миќуновиќ од опозициската Демократска партија (ДС), ја прекина седницата и нејзиното продолжение го закажа за в понеделник.