Македонија
4. September 2024 - 16:33

Новиот состав на комисијата со Бугарија ќе биде познат во следните две недели

Новиот состав на  историската комисија со Бугарија ќе биде познат во следните две недели. Премиерот Мицкоски потврди дека веќе има нови имиња за кои се размислува, но деталите ќе ги договоара заедно со министерот Муцунски.

Покрај со Бугарија, Мицкоски најавува промени и во составот на комисијата која преговара со Грција.

Предводникот на македонскиот тим и во вчерашната тема на денот на Сител потврди дека нема да биде дел од идниот состав. И покрај заострената реторика со премиерот Мицкоски изминатите денови, Ѓорѓиев вели дека причина за повлекувањето не е промената на власта. Иако Мицкоски ги навредил со последните изјави, Ѓорѓиев вели дека му пречи политизираноста на комисија, но и тоа што без промена на методологијата разговорите со Бугарија влегуваат во ќор-сокак.

Иако на 15 септември завршува мандатот на сите 7 члена на историската комисија, сепак неофицијално МНР има намера да задржи дел од досегашниот состав пред се за да се задржи континуитетот во разговорите со бугарскиот тим. 

Промените од македонска страна во неизвесност ја доведуваат средбата со бугарските историчари која на крајот од месецов треба да се одржи во Скопје.