Бизнис
28. August 2020 - 19:58

Новиот пакет економски мерки меѓу приоритетите за новата Влада

Пакет економски мерки за санирање на штетите од корона кризата. Ова ќе биде приоритетот на новата Влада. Мандатарот Заев иако не прецизираше  што точно ќе содржи  пакет за поддршка, посочи дека во следниот период заедно со сите засегнати страни синдикатите, коморите, работодавачите ќе ги договорат економските мерки кои се очекува да помогнат за зголемување на еконмскиот раст до 4 проценти и подобрување на стандардот на граѓаните.

Една мерка за која се размислува да биде  воведена  е можноста за предвремено пензионирање до максимум пет години пред остварувањето на правото за пензија ама со намален износ на пензијата. Оваа мерка предизвика најмногу интерес во јавноста. Заев тврди дека пензискиот фонд ќе може да го издржи тоа затоа што во време на пандемија приходите во фондот се пораснати за  околу  8 проценти.

Заев најави и рушење на објектот кај Мавровка,  кој  вели дека е дивоградба и ќе се направи се што е потребно за утврдување на правните прописи.

Дел од бизнисмените веќе посочија дека  новиот четврт по ред пакет не смее да биде селективен и со него мора да бидат  опфатени сите бизниси. Очекуваат мерката замрзнување на кредитите да продолжи , но  и да се обезбедат повеќе пари од меѓународниот и домашниот пазар за нови инвестиции,   бизнис идеи и поголем развој на стопанството.