Живот
22. April 2020 - 15:18

Новиот коронавирус е активен и во солзите на заразените

Вирусот Sars-Cov-2, кој е одговорен за пандемијата на Ковид-19, е активен и во солзите на заразените пациенти, покажа истражување на Националниот институт за заразни болести Спаланзани во Рим, објавено во списанието „Анали на интерна медицина“.

Во брис земен од око на заразен пациент кој имал билатерален конјунктивит, истражувачите успеале да го изолираат вирусот, покажувајќи дека тој може да се размножува, не само во респираторните органи, туку и во окото, предизвикувајќи конјунктивит.

Ова откритие има важни импликации за општата здравствена состојба, па резултатот до кој дојдоа италијанските лекари, е проследен до Светската здравствена организација.

– Ова истражување покажа дека очите не се само една од влезните врати за вирусот во организмот, туку се и потенцијален извор на зараза, коментира Кончета Кастилети, шефица на оперативната единица во лабораторијата на Клиниката Спаланзани во Рим.