Свет
28. January 2016 - 19:15

Новиот комесар на ОН за бегалците повикува за склучување на траен мировен договор со Сирија

Новиот комесар за бегалската криза на ОН, Филипо Гранди, денеска ги повика страните во сирискиот конфликт да постигнат траен мировен договор на претстојните преговори во Женева. 

- Мојот повик е јасен. Очекувам што е можно најбрзо прекинување на борбите, на прво место, и склучување на мировен договор, кој ќе биде стабилен и траен, истакна Гранди на средбата во Париз со францускиот претседател Франсоа Оланд, и додаде дека нивната цел е бегалците да можат доброволно да се вратат дома, пренесува БТА. 

- Ги видов страдањата на сириските цивили, страдањата на жените и децата, паднати се во незамислива ситуација принудени да бегаат преку море, во самата Сирија, како и во соседните земји, рече Гранди, кој пред неколку дена го посети регионот. 

Четириесет или педесет проценти од населението, кои одат во Европа се Сиријци, бегалци од војната. 

- Повикот кон сите страни во конфликтот е јасен - треба да се стави крај на страдањето, а само мирот може да го направи тоа, истакна Гранди.

Францускиот претседател се огласи за посилен меѓународен и европски одговор, за подобро да се совлада миграцискиот бран, да се исполнат обврските за прием на бегалците и да се зголеми финансиската поддршка за обезбедување на хуманитарна помош за соседните земји на Сирија.