Македонија
18. May 2017 - 13:44

Нови возила и опрема за АХВ, донација од ЕУ

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Поповски очекува во наредниот период најмалку двојно да се зголеми ефективноста и ефикасноста во работењето на институцијата. Тоа, како што кажа, го овозможува донацијата од Европската унија во опрема и возила во вредност од околу еден милион евра, чие официјално примопредавање беше извршено денеска.

- Станува збор за успешно реализиран проект со кој се овозможува ефикасно и ефективно  работење на Агенцијата и на нејзините инспекциски служби. Тоа е проектот ИПА 2012 финасиран од ЕУ преку кој се издвоија околу еден милион евра за набавка на 42 возила, едно теренско возило, околу 200 лаптоп компјутери, 30-тина десктоп компјутери, мултифункциски печатачи и опрема за заштита на инспекторите и контрола на храната, изјави Поповски.

Тој посочи дека се обезбедени и GPS уреди со кои инспекциските контроли ќе бидат на многу повисоко ниво и со поголема ефективност и заштеда.

- Очекувам минимум двојно поголема ефикасност во работењето на Агенцијата за храна и ветеринарство и зголемување на ефективноста и ефикасноста во секој домен. Работењето на институцијата е во рамките на европските стандарди, но со оваа донација очекувам  да се доближиме во секој сегмент, рече Поповски.

Раководителот на Секторот за соработка при Делегацијата на Европската унија во Македонија, Никола Бертолини истакна  дека здравјето на луѓето, животните и растенијата е еден од клучните приоритети на Унијата.

- Безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика претставуваат клучни елементи за заштита на здравјто на луѓето. Во последните 15 години ја поддржавме вашата земја со речиси 30 милиони евра. Поддршката што ја даваме не се состои само од опрема и возила, туку и за градење на капацитетите и на мрежа која ќе ги зајакне, рече Бертолини.

Нагласи дека поддршката ќе продолжи и понатаму во насока на подобрување на стандардите.

Прашан дали нешто ќе се промени доколку дојде до смена на актуелниот директор на Агенцијата, Бертолини нагласи дека препораките ќе останат исти, бидејќи, како што рече, нивната цел е да даваат поддршка  и да ги изготвуваат извештаите за напредок се додека Македонија не пристапи во ЕУ. - Доколку дојде до промена на менаџментот на институцијата се надевам дека нема да има промена на кадарот за чие обучување и унапредување многу се вложи во изминатиот период, рече Бертолини и додаде дека процесот на обука на кадарот на АХВ ќе продолжи и во иднина.

За најавената ревизија за работењето на Агенцијата за финасиска поддршка во земјоделството и  рурален развој за јуни годинава од страна на Европската комисија, рече дека е редовна.

Во однос, пак, на искористеноста на средствата од европските фондови од претходната ИПАРД програма потенцира дека поголемиот дел од нив се наменети за искористување од страна на надлежните органи што, како што рече, е малку подолготраен процес.