Македонија
1. јуни 2020 - 19:38

Нови тензии во УКИМ - овојпат се оспорува изборот на сенатори

Просветниот инспекторат да изврши вонреден надзор на постапката за избор на сенатори на УКИМ, побараа од Независниот академски синдикат. Од таму реагираат дека членовите се бираат по скратена постапка, наместо по редовна од законските 60 дена. За нив и за Антикорупционерите ова е втора спорна постапка, по претходната, за избор на ректор на УКИМ.

Ректорот вели дека постапката е спроведена на ваков начин, поради неможноста за физичко присуство, на седниците на настовно-научните совети на факултетите и институтите, кои вршат избор на сенатори, поради коронавирусот.

Изборот на членовите на Универзитетскиот сенат, се врши со тајно гласање. Согласно статусот на УКИМ, постапката за избор на членовите на сенатот, ја покренува ректорот најмалку 60 дена пред истекот на мандатот на постојниот Сенат, односно најдоцна  27 април.

Следејќи ги мерките и протоколите на Владата, не можеа да се одржат седниците на наставно-научните/научните совети  на факултетите и научните институти, со физичко присуство на нивните членови. Покренатата постапка се врши на тој начин што во писмото до единиците се става рок до кога треба единиците да извршат избор на сенатори.

-Од тие причини, писмото со рок е пратено по олабавување на мерките во делот за присуство на бројот на лица во затворен простор, односно мерките и протоколот на Владата од 22 мај, со која не се ограничува бројот на присутни лица во затворен простор при одржување на седници. Така што се создадени услови за оддржување на седниците, вели Јанколовски.

Од просветниот инспекторат велат дека во најкус можен рок ќе почнат да постапуваат по овој случаj.

Постапката за избор на сенатори при УКИМ, следи по тензиите во академската фела околу кандидатурата на Јанкуловски, за повторно да биде ректор.