Македонија
22. May 2019 - 8:32

Нови рочишта за „Тортура“, „Титаник 3“ и „Т.Н.Т.“ на СЈО

Во Кривичниот суд во Скопје денеска се закажани нови рочишта за „Тортура“, „Титаник 3“ и „Т.Н.Т.“ на Специјалното јавно обвинителство.

Предметот „Тортура“ на СЈО се однесува за начинот на апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година и се наоѓа во доказна постапка..

Во „Тортура“ заедно со Сашо Мијалков се обвинети и поранешниот прв човек на единицата „Алфи”, Ивица Антевски-Пуки, и уште петмина припадници на единицата.

Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.

Во „Титаник 3“ обвинети се Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ кои се товарат дека како членови на Општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништувале изборен материјал.

Постапката почна одново на 15 март годинава по именување на судијката Марија Клетичка за нов судија во предметот, откако судијката Оља Ристова, која го водеше случајот, во февруари годинава побара изземање од предметот.

Во судот за денеска е закажано рочиште и за предметот „ТНТ“ за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. За предметот „ТНТ“ меѓу обвинетите се и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.