Македонија
21. December 2018 - 8:56

Нови рочишта за „Титаник“ и „Трезор“

Во Кривичниот суд за денеска се закажани нови рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Титаник“, „Тотал“ и „Трезор“.

Предметот „Титаник“, што се однесува на изборни нерегуларности, се наоѓа доказна постапка. На претходното рочиштето беа изведувани материјални докази. Обвинителката Лиле Стефановска посочи дека има околу 5.900 материјални докази.

Судијата Осман Шабани на минатото рочиште констатираше дека бил известен од адвокатите на обвинетиот Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, дека го откажуваат полномошното за негово застапување во постапката.

Во овој случај обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.

Судење денеска е закажано и за случајот  „Трезор“, каде првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ и поранешениот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски.

Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.