Македонија
18. December 2018 - 8:49

Нови рочишта за „Тендери“, „Титаник 2“ и „Тарифа“

Во Кривичниот суд за денеска се закажани нови рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тендери“,„Титаник 2“ и  „Тарифа“.

Случајот „Тендери“ во кој првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“ се наоѓа во доказна постапка.

Според обвиниението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.

На рочиштето за предметот „Титаник 2“ што се однесува на изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година искази треба да дадат сведокот на одбраната Љупка Гугуческа и вештото лице Љубомир Атанасовски.

Пред судот, како што најавија, искази ќе дадат и обвинетите Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска.

На минатото рочиште беа изведувани материјалните докази на одбраната.

Во „Титаник 2“ обвинети се лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.

Ново судско рочиште денеска треба да се одржи и за случајот „Тарифа“, во кој се обвинети поранешниот генерален директор на АД ЕЛЕМ Дејан Бошковски и уште две други лица.

Во овој предмет станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.

Според обвинението на СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластување во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.