Балкан
19. October 2015 - 8:48

Нови опозициски протести во Подгорица

Црногорската полиција синоќа употреби солзавец за разбивање на опозициските протести во Подгорица, на кои повторно беше побарана оставка од Владата на премиерот Мило Ѓукановиќ и распишување предвремени парламентарни избори.

Синоќешните протести на кои присуствуваа неколку илјади лица, претставуваат продолжение на секојдневните антивладини собири што ги организира опозицијата, која најави дека ќе продолжи со протестите се додека не ја натера Владата да распише предвремени избори.  

Како што јави ТАСС, за време на синоќешниот протест еден од лидерите на опозицискиот Демократски фронт (ДФ), Андрија Мандиќ соопшти дека премиерот Ѓукановиќ, на кого опозицијата му даде рок до сабота да поднесе оставка, вчера околу 18:30 часот со авион ја напуштил земјата.

Засега нема потврда или деманат на ваквите тврдења од страна на Владата.

Црногорска полција доцна синоќа, по завршувањето на протестот, соопшти дека за време на „ненајавениот јавен собир организиран од страна на ДФ“ биле повредени петмина полицајци, од кои еден потешко. 

Во соопштените се наведува дека демонстрантите ги гаѓале полицајците со камења, запалени факели, шишиња и метална и дрвени предмети, по што полицијата ги употребила неопходните средства за зачувување на редот и мирот.

Полицијата информира и дека привела еден 36-годишен жител на Подготица, кој е осомничен дека учествувал во група која ги каменувала просториите на телевизијата Пинк М во центарот на црногорскиот главен град, при што е повредена уредничката на медиумот.