Бизнис
22. November 2019 - 21:06

Нови огласи за вработување во јавната администрација

За само пет дена државните институции објавиле огласи за осумдесетина вработувања. Се бараат работници во јавната и државна администрација за плата и до 40.000 денари. А од почетокот на месецов активни биле уште неколку огласи за триесетина други вработувања.

Министерството за информатичко општество вработува 35 лица за плата од 21.000 до 33.000 денари. Оттаму велат дека во изминатиот период си заминале повеќе од 130 лица. Дел од позициите биле пополнети, а дел се пополнуваат сега.

“Вработувањата се поврзани со голем број проекти, како што е реорганизација на јавната администрација, Националниот регистар на население, Порталот за е-услуги итн. Велат дека најголем број од отворените позиции се во делот на правните науки и инженери. Ова е во насока на препораките од ЕУ за недостаток на квалификуван кадар во МИОА”, велат од МИОА.

Управата за извршување санкции во рамки на Министерството за правда бара 18 лица за плата од околу 400 евра.
Вработува и ЈП за железничка инфраструктура. Бараат 13 работници за плата од 18.000 до 28 и пол илјади денари. Помошник директорката за човечки ресурси оттаму, Цена Поповска, вели дека “Сите вработувања се согласно Законот. Со систематизацијата се предвидени овие работни места, а истите се веќе планирани во годишната програма и се одобрени од Министерствата за финансии и Информатичко општество и администрација. ЈП за железничка инфраструктура од 1.500 вработени сега брои околу 920. Имаме голем одлив на вработени, недостигаат работници, а нема ни голема заинтересираност за огласите за вработување.”, објаснува Поповска.

Вработува и Центарот за управување со кризи. Бараат 8 работници за плата од 17.500 до 32.600 денари. Директорот Агрон Буџаку вели дека се работи за непополнети работни позиции, бидејќи со систематизацијата предвидени биле 507 работни места, а во моментов пополнети се 290.

Министерот за информатичко општество неодамна посочи дека вработувања во јавната администрација нема да се сропираат поради изборите, затоа што институциите имаат потреба од кадар.