Бизнис
9. May 2019 - 16:34

Нови најави за нов клинички центар

Нови промени во планот на изградба на клиничкиот центар. Ако пред три месеци надлежните објавија дека комплексот ќе се простира на 90 хектари во месноста Веле Поле во Ѓорче Петров, сега површината ја зголемија на 102 хектара. Според последната владина одлука, новиот Клинички треба да биде на  5 нивоа со 20 операциони сали и 65 амбулантни возила. Засега е нејасно колку ќе се задолжи Владата за изградбата на новиот Клинички центар. Неофицијално, според информации на Сител  кредитот би бил околу 500 милиони евра.

- Со физибилити студијата ние ќе имаме податоци за сумата, може ќе биде поголема може помала. Ние две недели пред тоа ќе пуштиме оглас за барање на заем. Веруваме дека со изградбата на нов објект ќе ги задржиме лекарите и ќе ги вратиме тие што се заминати од земјава“, изјави Миле  Бошњаковски, портпарол на Влада.

Засега нема одговор што ќе се случи ако не бидат обезбедени неопходните пари за изградба.

-Значи, ако продолжиме со сегашната динамика, ќе може да ги задржиме роковите и на крајот на годината да бидат удрени темелите, вели Бошњаковски.

Според процедурите, прво треба да бидат обезбедени пари а потоа да се утврди како ќе изгледа комплексот и кој ќе го гради. Инаку, точно 10 години се зборува за нов клинички центар, но никако да почне неговата градба.

Уште во 2009та беше донесена одлука за негова изградба во Бардовци. Неколку години подоцна таа идеја отпадна па се направи план и беше потпишан и договор со обезбедени пари за нов објект на местото на сегашните клиники. Со промена на власта, дојде до раскинување на договорот и почна барањето на локација. Прво беше избрана Злокуќани, но поради наводно одолговлекување на процедурите со имотно правните односи, потрагата заврши во Ѓорче Петров.