Свет
11. January 2016 - 11:20

Нови мировни преговори за Авганистан

Претставници на Авганистан, Пакистан, Кина и САД денеска во пакистанскиот град Исламабад започнаа преговори, чија цел е ставање крај на 14-годишните крвави судири со авганистанските талибански бунтовници. 

Како што соопшти денеска пакистанското Министерство за надворешни работи, се очекува оваа средба на високи претставници на четирите земји да претставува прв чекор кон продолжување на мировните преговори за Авганистан.

Сепак на разговорите не е најавено присуство на претставници на талибанците.  

Талибанските милитанти минатата година ја засилија кампањата за соборување на прозападната Влада во Кабул, откако во текот на 2014 година поголемиот дел од војниците од составот на Меѓународната мисија за поддршка на безбедноста (ИСАФ) го напуштија Авганистан. 

Талибанците зачестија со бомбашките напади во подрачјата под контрола на авганистанските власти и успеаја да заземат големи подрачја во јужната провинција Халманд. 

Преговорите што претходно ги започнаа авганистанските власти и талибанците, беа прекината лани, откако бунтовниците објавија дека талибанскиот лидер мула Омар е мртов веќе две години, што доведе до фракциски судири меѓу талибанските борци. 

Минатата недела талибанците најавија дека сакаат да одржуваат добри односи со останатите земји, дури и во услови кога, како што наведоа, водат борба против „американската окупација“.

- Сакаме да имаме добри односи со сите земји. Би било подобро да имаме дирекни меѓусебни контакти и да разменуваме мислења за нашите цели и вредности, соопштија талибанците.

Иако во нивното соопштение никаде не беа споменати мировни преговори, сепак, според аналиитчарите, тоа е порака дека талибанците се расположени за обнова на мировниот порцес.