Македонија
2. јуни 2018 - 8:56

Нови министри и зајакнато парламентарно мнозинство

Собранието на Република Македонија вечерва избра нови четворица нови министри во Владата. За нова министерка за правда е избрана Рената Дескоска, за министер за образование и наука Арбр Адеми, за култура Асаф Адеми и за министер без ресор Бардил Даути.

Дескоска беше избрана со 67 гласа „за“ и 23 „против“, Арбр Адеми со 67 „за“ и 25 „против“, Асаф Адеми со 66 „за“ и 23 „против“, а Даути со 65 „за“, 26 „против“ и еден „воздржан“.

Пред гласањето за избор на новите министри премиерот Зоран Заев давајќи одговор на дискусиите на пратениците истакна оти не е вистина дека само политиките за членство во НАТО и ЕУ се политики на оваа Влада. Паралелно, потенцира, се прават реформи, оние за кои се донесени закони се имплементираат, за некои има втори фази, изработени се доста стратегии и сите реформи што ни се зацртани ќе ги исполниме.

Говорејќи за спорот со името, потенцира дека не е потребно да се оди на референдум, пред да се ратификува евентуален договор со Грција. 

- Се знае што е значи ратификација што референдумот, а граѓаните се оние кои ќе одлучат дали договорот е прифатлив. Референдумот ќе биде задолжителен, рече Заев.

Како најголем виновник за слабата реализација на капиталните инвестиции во првиот квартал од годинава ги посочи недостатокот на проекти и наследените проблеми при реализацијата на двата автопата, како и закочената изградба на железницата.

- Наследивме два автопата со сериозни потешкотии кои се обидуваме да ги решиме. Очекувам до крајот на годината да биде готов автопатот Миладиновце – Штип, а за вториот автопат од Охрид до Кичево е потпишан анекс за продолжување на рокот, но се уште се преговара за да се одредат средствата заради пропустите при проектирањето. Довршени се и проектите за експресните патишта и како што објавивме преку Јавното претпријатие за државни патишта  ќе се реализираат околу 800 километри патишта низ државата, рече Заев.

За железницата кон Бугарија нагласи дека се реализира првата фаза, веќе е објавена втората фаза, а во подготовка е и третата фаза. Кај гасификацијата, како што кажа, не наишле на проблеми и само ја продолжиле нејзината реализација.

Покрај тоа, додаде, направивме проекти во вредност од 30 милиони евра за детски градинки, 20 милиони евра за училишта и ги ревидиравме 10-те што постоеја. Посочи дека поради стео тоа очекува во наредните месеци да се покажат резултати на полето на реализација на капиталните инвестиции.

- Последните податоци на НБРМ покажуваат дека во земјата има 235 милиони евра странски инвестиции, од кои 60 милиони само за ФЕНИ. Постигнати се договори со 16 компании за отворање на објекти во ТИРЗ-овите, инвестиција во вкупна вредност од 200 милиони евра, а надвор од зоните се реализираат 10 гринфилд инвестиции од кои најголемиот дел се домашни, рече Заев.

Намера за инвестирање пред него, како што кажа, искажуваат повеќе компании меѓу кои и за изградба на стакларница во вредност од 98 милиони евра за која се чека само да се одреди местото каде ќе биде лоцирана, а постои и искажана намера за изградба на циглана во Кавадарци со заедничка инвестиција на индиска компанија и ИГМ.

- Во економскиот раст ќе учествуваат и хидроцентралите Чебрен и Галиште со 220 милиони евра, ТЕЦ Осломеј со 50 милиони евра, 150 до 200 милиони евра од проектите Исткејк и Климакс, рече Заев и додаде дека земјава бележи раст во енергетиката, индустријата и земјоделството, а единствено опаѓа градежништвото.

Посочи дека од почетокот на 2019 година ќе следи зголемување на социјалната помош од 4.200 на 11.500 денари, како и ветениот поврат на ДДВ,  а се уште, како што кажа, траат дебатите за воведување на прогресивен данок дали да се оданочуваат примањата од над 1.000, 1.500, 2000 евра. Според препораките на ММФ, како што кажа, ќе се обидат и да го стабилизираат Пензискиот фонд кој годишно има буџетска дупка од околу 500 милиони евра.

И во вечерашниот дел од расправата во врска со владината реконструкција и изборот на четири нови министри пратениците од опозициските партии ја обвинија Владата дека не реализирала ништо од оние ветувања со кои дошле на власт. Владата не функционира добро, посочија тие, а кога ќе го заврши пакетот со името, рекоа, без разлика на епилогот, сите прашања и очекувања на граѓаните ќе дојдат на дневен ред. 

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Владата ако го тргне настрана проблемот со името и ако се осврнат да видат што сработиле, ќе увиди дека ќе види дека речиси и да нема област во која има успех. 

Реконструкцијата, според него, се прави само за да се задоволат некои нови коалициски партнери. Вие, потенцира Димовски, требаше да најдете храброст да се соочите со вашата партија и да им се заблагодарите на дел од министрите, но и на оние од ДУИ.

Трајко Вељаноски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека фактот што била правена четири месец говори оти реконструкцијата е пазар, а како што рече, за да се задоволат сите нови партнери зголемен е и бројот на министри на 26, иако било ветено дека ќе има најмногу 20.

Во врска со прашањето со името тој истакна дека ако се ратификува договор со Грција без референдум тоа би било противуставно, а исто така, предложи референдумот да биде задолжителен, а не консултативен.

Изборот на новите министри, рекоа пратениците од партиите на власт, е добар, а за тоа говори фактот што опозицијата воопшто не дикутирала за нив, туку воопштено за целата Влада.

По гласањето за нивен избор новите министри дадоа свечени изјави. Како нови коалициски партнери во Владата влегуваат крилото на Беса на Африм Гаши и ДПА, кои имаат министерски места, како и Сојузот на Ромите.

Предлогот за нови министри премиерот Заев до Собранието го достави минатата недела.  

Собранието седницата ја продолжи со избор на нови министри.