Македонија
7. April 2020 - 15:56

Нови мерки за спречување на ширењето на коронавирусот во кумановско, да се преиспитаат боледувањата во здравството, полицијата, армијата и другите служби

Општинскиот кризен штаб на Куманово на денешната на 23. седница предлага до министерствата за здравство и труд и социјална политика да го регулираат со препорака правото на користење на помош и нега за друго лице, лицата да не одат на преглед и да не закажуваат термин преку „Мој термин“, бидејќи ќе им биде продолжено правото на користење се додека трае вонредната состојба.

На барање на кумановската болница, штабот препорачува матичните лекари при упатување на пациенти на Инфективно одделение при ЈЗУ Општа болница Куманово и да ги праќаат со упати за лабораторија и рентген за да не се губи време за дијагностицирање, туку докторите веднаш да ги прегледааат и да знаат дали да ги остават на болничко лекување или на домашно лекување.

-Да се преиспитаат боледувањата кои матичните лекари ги пишуваат на здравствените работници, припадници на армијата, полициски службеници и административни службеници кои во случај на вонредна состојба се потребни за организирање во институциите, бидејќи постои сомнение за евентуална злоупотреба на боледувања, се вели во соопштението на Штабот.

Штабот препорача да се информираат сите правни субјекти што учествуваат во акција за доставување на неопходни продукти на граѓаните на домашна адреса за време на траење на полициски час, и најави дека ќе бидат контактирани од технички служби на Општински штаб за заштита и спасување заради регулирање на необлигациите во врска со доставите.

Уште еднаш од Штабот укажаа на законската обврска, управителите на станбените згради да извршат дезинфекција, а и наложи на „Чистота и Зеленило“ да продолжи со дезинфекција на јавно-прометните површини во руралните, урабната средина, приградските наслеби, согласно редоследот.

Исто така кумановскиот кризен Штаб ќе испрати барање до Владата да го регулира со акт вклучувањето на припадниците на Армијата во редарски тимови во градот за да се спречи создавање метеж пред банките, поштите, Центарот за социјални работи и други пунктови каде што се собираат граѓани за шалтерски исплати и да се спроведуваат препораките на Владата за држење на минимум растојание на граѓаните помеѓу себе и задолжително носење на заштитни маски.

Како што се наведува во соопштението, при дистрибуција на пакетите до ранливите категории граѓани покрај Општинскиот кризен штаб и Црвен Крст ќе се вклучат и припадниците на Армијата. Штабот со специјалните тимови на армијата ќе врши и дневна дезинфекција на простории каде има интензивен проток на луѓе како што се банки, пошти, за што Штабот побара соработка од овие субјекти.