Балкан
6. May 2022 - 11:56

Нови мерки од 3,2 милијарди евра на грчката Влада за справување со покачувањето на цената на струјата

– Новиот пакет ќе апсорбира 70 до 80 отсто од поскапувањето за киловат час за домаќинствата и бизнисите, а вкупниот трошок изнесува 3,2 милијарди евра за остатокот од 2022 година, од кои околу 1,1 милијарда евра се на товар на државниот буџет, рече министерот за финансии на Грција Христос Стајкурас во однос на новите мерки на Владата за справување со покачувањето на цените на електричната енергија што синоќа ги соопшти грчкиот премиер Грција, Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Мерките предвидуваат покривање на 50 отсто на зголемувањето на струјата за потрошувачка над 300 киловат часови за мај и јуни; вонреден надомест до 600 евра за граѓаните со годишен приход до 45.000 евра, за дополнителни направени трошоци, ретроактивно од декември до мај; одвојување на меѓународните покачувања на природниот гас од сметките за струја, односно индиректен плафон на цените на природниот гас.

Стајкурас истакна дека дополнителните оптоварувања на буџетот се вклучени во проценките на Министерството за финансии.

Министерот за животна средина и енергија на Грција, Костас Скрекас објасни дека и во следните два месеца Владата ќе продолжи да покрива дел од сметките за струја со надомест, што во мај ќе биде 56,6 евра за првите 300 киловат часови за домаќинствата и 120 евра за бизнисите.

Истакна дека мерките ќе продолжат сè додека трае енергетска кризата криза, а „единственото реално решение за надминување на оваа криза и заштита на земјата од слични појави во иднина е преминот кон чиста енергија, искористувајќи ги сонцето и ветерот“.

Паралелно додаде дека целта на Владата е Грција да стане енергетски конкурентна земја и да се претвори во транзитен центар на зелена енергија за цела Југоисточна Европа. 

Ново на Сител