Македонија
21. September 2019 - 10:58

Нови ликовни творби мотивирани од преспанската убавина

Преспа ја задржува традицијата на истакнување на нејзините убавини преку ликовната уметност. Во Претор, на Преспанското Езеро, се одржува ликовната работилница на која уметниците ќе ги пресликаат нивните визии на платно. На дводневната ликовна работилница учествуваат осум истакнати ликовни уметници од целата земја, како и 18 членови на здружението „Преспа арт“ од Ресен.

-Да се наслика природата и убавината на Преспа е предизвик за секој уметник. Посебно задоволство за мене е да твориме заедно со колегата Темков и останатите, но и да согледаме како младите уметници од Преспа арт, со нивните визии, гледаат на ликовната уметност, рече ликовниот уметник од Битола, Драган Најдовски-Најдо.

Креативноста на ликовните уметници ќе биде изложена за јавноста на посебна изложба, која ќе се одржи во рамките на празнувањата на 11 октомври. Организатор на оваа ликовна работилница е Домот на културата „Драги Тозија“ од Ресен.

-Веќе по традиција Домот на културата „Драги Тозија“ е организатор на оваа ликовна работилница, од која до сега произлегле воодушевувачки ликовни дела. Крајна цел на оваа работилница е да се мотивираат уметниците и да творат што повеќе, а нивниот труд да биде вреднуван од јавноста. Голем дел од насликаните дела во изминатите години, веќе красат нечии домови, па верувам дека така ќе биде и оваа година, истакна директорот Васко Василевски.

Ликовната работилница се одржува под покровителство на Општина Ресен, а градоначалникот Живко Гошаревски ги посети уметниците во Претор.

-Општина Ресен ја подддржува оваа работилница, која за нас има особено значење од повеќе аспекти. Првенствено, тука ги промовираме и мотивираме да творат локалните уметници, чии дела ќе бидат претставени пред јавноста. Исто така, можноста да научат нешто повеќе од искусните уметници им дава нова димензија во нивната креативност, посочи градоначалникот Гошаревски.

Во рамките на дводневната ликовна работилница, уметниците денес ќе го посетат Сливничкиот манастир, посветен на празникот Мала Богородица.