Балкан
23. December 2017 - 13:18

Нови иселеници од Хрватска: Заминуваат и оние кои имаат работа

Дојче веле - Бон

По се изгледа Хрватите се предодредени да ја бараат среќата во Германија, без разлика на општественото уредување во кое живеат. За разлика од старите иселеници, младите не чувствуваат голема носталгија кон татковината и живеат во „две држави“. 

- Тие не го слушаат својот народ и не работат во негов интерес. Тие го натераа народот во миграција. Жално е што млади луѓе и млади семејства ја напуштааат оваа убава земја, а ним не им е грижа, е само еден од бројните коментари собрани во истражувањето „Иселување на Хрватите во Германија-ЕУ Миграциски бран“.

Со ова опсежно испитување опфатени се 1.200 хрватски иселеници , а го водеше доктор Тадо Јуриќ од Одделот за историја при Хрватскиот католички универзитет во Загреб, за што во јануари следната година ќе објави книга под ист наслов. 

Задоволство од новиот живот во Германија искажале дури 79 отсто испитаници, додека само три проценти рекле дека не се задоволни, 73 проценти испитаници се задоволни со германската плата, додека незадоволни се пет отсто. 

Хрватска иселеници

Тоа се совпаѓа и со доминатниот став искажан преку новинарските прилози во кои гледаме иселеници кои го фалат новиот живот, па дури  и кога работат работа која е под нивното образование и живеат во полоши станбени услови. Забележан е и многу нагласен бес кон татковината. 

Тешко е да е биде искрен кон себе

- Сигурно можеме да се прашаме колку е некој искрен кон себе кога се наоѓа во ситуација на борба и кога сите напори ги вложува во некој голем животен потфат. Секое селење е тешко и содржи непријатност, а многу често и траума. Кога човек сака да го оправда својот потег, ќе ја рационализира својата одлука за да не мора да се соочи со непријатните вистини и последици. Од друга страна, мора и да се мотивира за каков било голем чекор во животот,  па логично е дека на нештата ќе гледа во поубаво светло отколку што навистина се. Кога луѓето се во процес на создавање нова животна приказна, не смеат да ја погледнат реалноста, изјави Јуриќ, кој е доктор по политички науки и историја и кој и самиот за време на докторските студии живеел во Германија. 

Вистинската вредност на ваквите истражувања, додава тој, е нивната идна споредба со истражувањата кои ќе се прават за околу пет години, кога и размислувањата на иселениците ќе бидат пообјективни и ќе се темелат на реално искуство. 

- Сега преовладува впечатокот дека младите изгубиле надеж во оваа земја. Изгубиле верба дека нештата можат да тргнат кон подобро. Во Германија, каде голем број објективно значително потешко живеат отколку во татковината, имаат надеж дека еднаш ќе биде подобро, додека овде надежта е изгубена, вели Јуриќ.

Таксист со факултетска диплома не е од корист за Германија 

Новите хрватски иселеници најчесто имаат завршено средно училиште (60,7 проценти), додека високообразовани се 37,8 отсто. Со тоа уделот на високо образованите лица во овој иселенички бран е за 12 проценти поголем отколку во татковината во возрасната група од 25 до 40 години. 

Хрватска иселеници

- Ако некој со високо образование ја напушти татковината, а во Минхен вози такси тој не е никакво „фајде“ за земјата каде се вселил, но е голема загуба за земјата од каде се иселил. Меѓу останатото, нашите иселеници се согласуваат на такви работи, бидејќи во Германија никој не ги познава, па не се чувствуваат понижено. Има многу такви приказни. Но, мора да бидеме чесни и да кажеме дека има луѓе кои заминуваат затоа што во Хрватска едноставно не добиле ниту една можност, вели Јуриќ.

- Доколку сакате да учествувате во богато општество во кое со векови се акумулирало богатство, тогаш се обидувате нагло да стекнете капитал на штета на сопствениот квалитет на живот, па и на здравјето. Постои тој притисок и многумина запаѓаат во приказната за работење три работи што брзо го троши човекот, изјави Јуриќ. 

Она што изненадува е податокот дека дури 60 отсто  од иселениците пред заминувањето во Германија имале работа. Меѓу нив се бројни експерти кои во Хрватска не добиле можност за напредување или усовршување. 

- Лекари заминуваат бидејќи не можат да го издржат преголемиот број пациенти и не постоењето можност за усовршување. За условите за работа зборуваат и бројни други експерти, но и работници во многу други бранши. Никој од нив не ги спомнува парите како мотив за иселување. Многумина нагласуваат дека во Германија се порастоварени, вели Јуриќ.

Хрватска иселеници

Клучно е соочување со минатото

Јуриќ нагласува дека не постои начин да се спречи иселувањето освен да се направат вистински структурни промени во општеството со цел луѓето да сакаат да останат. Младите не сакаат расправи за усташи и партизани. 

- Преку медиумите често се слуша дека единствена мерка за задржување на младите е јаканење на економијата. Но, не е така. Гледаме дека повеќето биле вработени. Тие заминале бидејќи од низа околности се фрустрирани и незадоволни. Во нивните одговори секогаш ја гледаме желбата Хрватска да престане да биде држава свртена кон минатото. Тие сакаат земја која гледа во иднината, бидејќи не може да возиш напред со фарови кои осветлуваат одзади. Но, за да може да се гледа напред, ние како општество мораме да се соочиме со сопственото минато. Мораме да утврдиме што се случило, а што не, за нацијата да оздрави и повторно да можеме да гледаме напред. Младите препознаваат дека идеолошки теми се наметнуваат секогаш кога нема конкретни и сериозни потези во општеството. Младите не можат да се добијат со флоскули. Затоа, за да ја вратиме довербата на младите мораме да го направиме тој исчекор на конечно соочување со сопственото минато, истакна Јуриќ.

Колку всушност има иселеници?

Ниту една институција во Хрватска не знае прецизно колку граѓани се иселиле од државата, бидејќи не постои регистар на населението. Тие кои се иселуваат не мораат да се одјават, па хрватските податоци покажуваат дека кон Германија заминуваат 30 илјади Хрвати годишно, додека Германија тврди дека таа бројка е 50 илјади годишно. 

Хрватска иселеници

Од 2013 година, сигурно се иселиле меѓу 200 и 250 илјади луѓе. Но миграцијата не мора да биде трајна и трагична загуба, вели нашиот соговорник и додава: и Германците мигрираат во Америка и се враќаат.

- Тие имаат консензус дека е добро да се иселиш и да се вратиш. На крајот човек кој никогаш не заминал од својата татковина, не може ниту да ја разбере, ниту да ја цени. Но, не мислам дека нашите иселеници ќе се вратат. Сега се јавува нов феномен - луѓе решаваат да живеат во две држави и тоа, според мене  е многу пореално да се очекува. Вкупно 35 од 100 испитаници доаѓаат во татковината еднаш во два месеци и можеме да кажеме дека живеат на две места. Некои од нив можеби ќе вложат во некој бизнис или ќе останат поврзани со татковината на друг начин, но не очекувам дека во целост ќе се вратат. Некои експерти навистина ќе можат да живеат два животи. Нам Германија ни е преблизу и тука може да се создаде тој двоен живот. Не е лесно, но со современиот сообраќај се може, вели Јуриќ.

Во која мерка новите иселеници ќе се вратат тешко е да се процени. Сега додека впечатоците им се свежи и нецелосни само 15 отсто размислуваат за некакво враќање во краткорочен или среднорочен период. Делот на оние кои можеби ќе се вратат по пензионирањето изнесува 45 проценти.