Македонија
6. July 2016 - 16:43

Нови грантови од „Цивика мобилитас“ за граѓански организации

Вкупно 15 организации добија акциски грантови наменети за поддршка на граѓанските организации во рамки на програмата „Цивика мобилитас“.

Вкупниот буџет изнесува над 27 милиони денари, а средствата ќе се искористат за реализација на планираните активности кои се насочени во повеќе сектори како што се антикорупцијата, владеењето на правото, родовите прашања, медиумите, животната средина, културата, спортот и рекреацијата.

Добитници на грантовите се организации од Скопскиот, Полошкиот и Југоисточниот регион. 

- Семејството на грантисти на Цивика мобилитас, од денес се зголеми за 22 нови членови и сега брои вкупно 115 организации, истакна во своето обраќање Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС и Национален лидер на тимот на „Цивика мобилитас“.

Покрај ова, беа промовирани и пет мали акциски и два ад хок грантисти. Зза прв пат беа доделени и шест стипендии за докторанти кои ќе работат на теми што се релевантни за развојот на граѓанскиот сектор.

Договорите ги врачи швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Тејада која најави дека ќе продолжи поддршката на организациите кои работат со медиумите бидејќи се важен дел од граѓанското општество.

- Се надевам дека од поблиската соработка меѓу медиумите и граѓанските организации ќе имаат придобивка и двете страни, но уште поважно е дека тоа ќе биде придобивка за доброто владеење во земјата, рече швајцарската амбасадорка.

Поддршката преку програмата „Цивика Мобилитас“ започна во октомври 2014 година и ќе трае до септември 2018 година. Буџетот на програмата изнесува околу осум милиони швајцарски франци.