Македонија
21. јуни 2021 - 17:01

Нови дози на вакцини до крајот на неделата, масовната имунизација продолжува од следната недела

Во петок се очекуваат 100.000 вакцини Фајзер преку Ковакс механизмот да бидат испорачани во Македонија, а викендот во две пратки треба да стигнат и 500.000 дози Синовак, најавија од министерството за здравство.

Опозицијата и денеска ја критикуваше власта за фијаско со вакцинацијата.

-Во врска со вакцинацијата Македонија беше меѓу последните во светот и последна во Европа која што почна со вакцинација, таа се одвива исклучително споро, на намален број на пунктови. Македонија е земја со најголема смртност во светот, со човечки животи и погреби ја плаќаме неспособноста на овие некадарници, а сега вакцинацијата не може да продолжи, затоа што вакцини едноставно нема, рече Влатко Ѓорчев од ВМРО ДПМНЕ.

Според здравствените власти вакциналните пунктови продолжениот викенд не работеле поради празникот, а не дека во земјава нема вакцини. Од министерството тврдат дека во моментот има 4000 вакцини за прва доза, а до крајот на денот се очекувале нови 11.000 Фајзер преку директниот договор со производителот. Од здравство информираа дека и неделава ќе има намален интензитет на имунизација, а масовно боцкање најавија за од идниот понеделник.

Досега комплетно вакцинирани во земјава се околу 200.000 лица, а термин за вакцина чекаат 180.000 пријавени граѓани.