Македонија
22. јуни 2019 - 16:44

Нови бомби ја тресат македонската политичка сцена

Градоначалник насилник или монтиран случај? Аудио снимка на која наводно се слуша гласот на првиот човек на општина Шуто Оризари Курто Дудуш се појави во јавноста, на која се слуша како снименото лице извршува физички и вербален напад врз друг човек, кого претходно го заклучува во својата канцеларија.

Аудио снимката беше објавена од порталот Лидер кој тврди дека им ја доставил свиркач. Во снимката во неколку наврати се слушаат силни удари и тепање врз извесен Сенат, заклучен во канцеларијата на Дудуш.

Градоначалникот Дудуш вели дека снимката е целосно монтирана од осудено лице. Наведува дека порталот и новинарот кој ја објави нема да му спечалат углед, туку само соодветна кривична пријава.

“Да имало вистина во снимката, ќе имало повредени, лекарско уверение, случај!“, вели Дудуш во своја одбрана.

На последната објавена аудио снимка реагираа и институциите, но и политичките партии.

МВР најави дека ќе го испитува случајот со Дудуш, додека од владејачката СДСМ очекуваат сите надлежни институции да постапат, да го расчистат случајот и да ја информираат јавноста.

“Моралните аспекти и личната совест, како и човечкиот интегритет се вредности кои подразбираат и одговорно однесување и делување. Одговорност мора да има, законите важат за сите подеднакво”, велат од СДСМ.

Курто Дудуш силата ја црпи преку блискоста со премиерот Заев, обвинува опозициската ВМРО ДПМНЕ

Нови објавени аудио снимки им создадоа главоболка и на челниците на ДУИ. Бујар од последната бомба на “Ел Чека” - не е политичарот Османи, туку станува збор за сосема друго лице, вели вицепремиерот.

Османи дециден дека ДУИ не се плаши од објавување на натамошни бомби бидејќи партијата нема што да крие. Сепак, ги повика институциите да си ја завршат работата, во заштитата на приватноста на граѓаните.