Македонија
5. February 2023 - 16:34

Нови блокади или нов обид за дијалог - Арсовска и приватните превозници на заедничка маса

 

Скопската градоначалничка, Арсовска, се премисли, па ги повика приватните превозници на средба. Почнувајќи од 9 часот, утре во бараките на Град Скопје, заеднички ќе бараат решение дали и како ќе се исплати милионскиот долг кон приватниците. Тие денеска се собраа во Ченто, на последна 23-ка и групно и се заблагодарија.

Повикани сме официјално на средба. Утре, ние приватните превозници ќе одиме во Градот, да ја оствариме таа средба со градоначалничката, да видиме дали ќе најдеме заеднички јазик, да најдеме решение за нашите проблеми и да имаме што поефикасен превоз“ – Јовица Зафировски, приватен превозник

Повикот за средба доаѓа откако превозниците му свртеа грб на Ленин Јовановски и со ново преговарачко тело дадоа рок за состанок до денеска, а во спротивно се заканија со нови блокади на Скопје.

Ние сме ново координативно тело на приватните превозници. Ние ќе се обидеме да се договориме на наш начин. Одлучиме да настапиме како ново тело и така да побараме прием и еве, за среќа, тоа е успешно. Градоначалничката не повика, ќе имаме средба и ќе најдеме решение“ – Јовица Зафировски, приватен превозник

Желбата за дијалог ја потврди и Арсовска. Во интервју за МИА, вели дека треба да се преговара, иако 2 месеца не сакаше да ги прими на средба велејќи дека темата со приватниот превоз е затворена.

Сакаме да разговараме со овие правни лица. Нормално, сакаме да ги слушнеме и нивните аргументи, што е она за кое тие се борат, затоа што во дел од ставовите кои беа презентирани во јавноста, исклучиво можеше да се детектира дека се политички мотивирани имајќи предвид дека на претходните состаноци коишто ги имаа во Градот,ништо од тоа не беше презентирано. Треба да се разговара и да се решат проблемите, но не на штета на Градот Скопје“ – Данела Арсовска, градоначалник на Скопје

Долгот кој Арсовска не го признава, превозниците ќе го докажуваат и по судски пат. Првото рочиште започнува на 9-ти февруари.