Македонија
3. July 2020 - 16:49

Нови аудио бомби за работата на власта и опозицијата

Закани со физички напади и списоци на вработени кои треба да гласаат на избори. Одекнаа нови аудио бомби на кои се слушаат гласовите на носителот на третата изборна единица од ВМРО ДПМНЕ Игор Јанушев и на поранешниот министер од партијата Миле Јанакиески.

Двата разговора се објавени на ЈуТјуб на каналот “Обнова на режимот”. Во првиот, се слуша како двајцата зборуваат за списоци на луѓе „бележени како МИОА“, бидејќи за нив има реакции од Општинскиот комитет.

Списоците наводно не се поклопувале. Вината се префрла на Општинскиот комитет, па се слушаат и закани за физичко насилство врз колешка од Комитетот.

И вториот објавен разговор е со слична тематика. Насловен “Мапирани списоци”, во разговорот се прават математики со потенцијалните гласачи.

На сосема друг Јутјуб канал насловен “Бране капитал” објавени беа нови два нови разговора за лидерот на владеачката СДСМ.

Во нив како што се посочува разговараат Заев и непознат соговорник чиј глас е мутиран. Во првиот разговор тема е поранешниот лидер на СДСМ Бранко Црвенковски, за кого наводно Заев вели дека нема никакво влијание во партијата. Не му требале ниту неговите луѓе, бидејки јас сам ја финансирал партијата.

Во вториот аудио материјал, Заев зборува дека поседува капитал од 8,5 милиони евра.