Балкан
5. November 2015 - 8:29

Нови антивладини протести во Романија

Околку 30.000 лица, претежно млади луѓе, синоќа повторно излегоа на антивладини протести на улиците во неколку романски градови и покрај вчерашната оставка на премиерот Виктор Понта, јави ТАСС. 

Според романската полиција, околу 20.000 луѓе присуствувале на протестот одржан на Универзитетскиот плоштад во Букурешт, кој беше жариштето на бунтот против последниот комунистички лидер на Романија, Николае Чаушеску во декември 1989 година.

Уште околу 10.000 лица се собрале и на антивладини протести во Темишвар, Клуж, Јаши и неколку други помали градови.

Учесниците на протестите, кои минале мирно, носеле романски знамиња и извикувале пароли како „Долу мафијашкиот систем“ и „Романија, разбуди се“.

- Сакаме промена на менталитетот на политичката класа. Една оставка не е доволна, изјави младинскиот активист Корнел Апостол во обраќањето на протестот во Букурешт. 

Демонстрантите ги обвинуваат властите за нестручност и корупција и побара формирање технократска Влада, бидејќи како што нагласија, не и веруваат на ниту една политичка партија.

Дел од демонстрантите одржаа и протестен марш низ улиците на Букурешт до пред зградата на романскиот Парламнет, каде побараа сите пратеници да поднесат оставки.

Романскиот премиер Виктор Понта вчера поднесе оставка на функцијата, по протетстите на околу 20.000 луѓе во Букурешт во вторникот вечерта, на кои беше побара одговорност поради несреќата во една дискотека во романскиот главен град во петокот, при што загинаа 32 лица.

Истрагата утврди дека причина за несреќата било непочитувањето на нормите и правилата за безбедност на објектот, а дека локалните власти не преземале никакви мерки, поради што демонстрантите бараа индиректна одговорност и оставки на Понта и министерот за внатрешни работи Габриел Опреја.