Македонија
21. јуни 2019 - 18:35

Нови 74 проекти за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби

Со средства од буџетот на Министерството за локална самоуправа до крајот на годината ќе се реализираат 74 нови проекти за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби, соопшти министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу на денешната седница на Советот за рамномерен регионален развој.

На седницата е утврдена и предлог-одлуката за финансирање на проекти од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа.

Од Министерството за локална самоуправа информираат дека, во функција на рамномерниот развој на државата ќе бидат финансирани 35 проекти за развој на селата, во вкупна вредност од 41.250.000 денари, во сите осум плански региони.

– Во најмалку развиениот, североисточниот плански регион, ќе бидат финансирани четити проекти, во југоисточниот шест, во источниот пет, во пелагонискиот три, во полошкиот три, во југозападниот четири, во вардарскиот седум и во североисточниот плански регион три проекти, се вели во соопштението од Министерството.

За реализација на 39 проекти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби се обезбедени 82,5 милиони денари.

Во буџетската програма за рамномерен регионален развој за 2019 година, се вели во соопштението, се издвоени двојно повеќе средства за проекти во однос на 2017 година, со тенденција зголемувањето на средства за оваа намена да продолжи и во наредната година.

Од Министерството, информираат дека со средства од буџетската програма за рамномерен регионален развој веќе се реализираат 43 проекти за развој на осумте плански региони, во вкупна вредност од 290 милиони денари или 4,7 милиони евра, од кои пет се за подготовка на техничка документација, додека пак, 38 се инфраструктурни проекти.