Македонија
5. February 2016 - 15:56

Нови 6 мега проекти на Груевски за младите

 
Изградба на нов амфитеатар со 9.000 седишта, ќе се започне со со загарантирано вработување на 100-те најдобри студенти на додипломски студии, секоја година, комплетно реновирање на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, ќе се обезбедат стипендии на средношколци кои ќе освојат награда на научна олимпијада, ќе се градат нови пет скејт паркови и битолчани ќе добијат целосно реконструиран офицерски дом.
 
Ова се шесте нови мега проекти кои денеска ги најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Груевски рече дека зборот е збор и има вредност само доколку се испочитува. Ветувањето има вредност ако се преточи во дело. Нашите ветувања, нагласи тој се цврст договор со граѓаните.
 
Ќе се почне со загарантирано вработување на 100-те најдобри студенти на додипломски студии, секоја година
 
-За два месеци излеговме со 14 значајни ветувања за младите, тие се нашиот фокус и еден од нашите најзначајни приоритети. Секоја инвестиција во младите луѓе е инвестиција во својата иднина и во обезбедување на капитал кој е трајна вредност која се исплати неколкукратно. Сите мерки и проекти стануваат реалност. Со нас знаете дека сте на сигурно и дека ветеното ќе го реализираме. Одмереноста е одлика на сериозноста со која ние постапуваме, но и искрениот однос кој го имаме. Денес дозволете да објавам нови проекти за младите кои имаат реална и конкретна вредност. Вработување на 100 најдобри студенти на додипломски студии, автоматско, законско, директно вработување. Најдобрите 100 веднаш по комплетирање на образованието ќе добијат работа и сигурна егзистенција, најсилен поттик на оние кои инвестирале во своето образование. Од секоја учебна година стоте најдобри кои дипломирале на државни универзитети во Македонија ќе бидат вработени во јавната администрација, акционерски друштва. Ќе се подготви методологија за рангирање согласно просечната оценка во текот на студирањето и ќе има околу 70% удел во конечно рангирање. Поседување на меѓународен сертификат за трите најчесто користени јазици на ЕУ издаден од официјален европски тестатор ќе има удел од 20% во рангирање. Трет критериум ќе биде брзината на завршување на додипломските студии. Во предвид ќе бидат земени најдобрите од петте најдобро рангирани универзитети во Македонија. Секоја година од прво рангираниот 30 најдобри, второ рангираниот 25, трето рангираниот 20, четврто рангираниот 15 и петто рангираниот 10 студенти. Во критериумите ќе биде и елементот на тоа колку испити има положено студентот кај професор што има повеќе од 2 објавени труда во меѓународни списанија со импакт фактор, истакна Груевски.
 
За оваа цел ќе се измени и дополни законот за административни служебници и други посебни закони во кои ќе се предвидат критериумите за најдобри студенти.
 
Проектот ќе се реализира во соработка со Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација, какои Министерството за образование на Република Македонија и ќе се применува од август 2017 година,а ќе се врши селекција еднаш годишно.
 
Оваа мега мерка ќе биде сериозен стимул за најдобрите студенти кои се посветиле за образованието, клуч за успех во животот на секој поединец и негов најголем капитал.
 
Ќе имаат сигурна егзистенција и ќе може да ја градат својата иднина во Република Македонија.
 
 
Битолчани ќе добијат целосно реконструиран офицерски дом
 
Целосна реконструкција и ставање во функција на Офицерскиот дом во Битола беше најавена денеска од страна на Груевски.
 
Проектот ќе започне со реализација на крајот на оваа и почетокот на идната година.
 
-Би сакал да истакнам и да е совршено јасно дека никогаш не би преземале ниту еден чекор со кој би наштетиле на граѓаните. Нивните потреби ни се најважни и затоа младите во Битола ќе добијат репрезентативно и целосно реконструирана зграда на офицерскиот дом. Го слушаме гласот и волјата на битолчани. МТСП ќе го препушти на владение на општина Битола, која во соработка со Владата ќе изврши целосна реконструкција и ќе се добие зграда со историска и културна вредност и каде ќе биде сместена новата матична служба во Битола за регистрација на брачните парови. Ќе има просторија и за која битолчани ќе одлучат за што ќе биде наменета. За просториите и начинот на кој ќе се користат ќе одлучат самите битолчани. Ова ќе биде чекор со кој битолчани ќе добијат корисен простор. Општината има изработено проект и ќе преземе процедури за избор на изведувач и кон крај на оваа, почеток на следната, ќе го изведе проектот и ќе започне со градежен зафат, потенцираше Груевски.
 
Почетната инвестиција, рече Груевски, изнесува околу 2 милиони евра.
 
Ќе се изгради нов амфитеатар со 9.000 седишта
 
Груевски денеска најави дека ќе биде обновен уникатниот отворен амфитеатар во локалитетот Скупи со 9000 седишта.
 
-Амфитеатарот е еден од најзначајните објекти од римскиот период во Македонија и еден од најголемите на Балканот и пошироко. Во рамките на Скупи, прогласен за споменик на културата од прва категорија, вршени се археолошки истражувања, а минативе 2 години првите систематски археолошки испитувања. Според некои проценки на научните работници се смета дека амфитеатарот може да прими 8000 до 10000 гледачи, истакна Груевски.
 
Театарот бил изграден во првата половина на 2 век во нашата ера .
 
Груевски посочи дека остатоците од овој археолошки локалитет за прв пат е откриен некаде во 60 те години од минатиот век, но досега не биле превземани никакви активности за подлабинско истаржување, а уште помалку за реставрирање и обнова.
 
-Целта на проектот кој ќе се реализира е целосна реконструкција врз основа на сочуваните архитектонски елементи и преку аналогија со театри кои се блиски до амфитеатарот во Скупи со што би се овозможило ревитализација на објектот и негова презентација пред пошироката културна јавност преку одржување на културни манифестации со капацитет од 9000 места. Министерството за култура веќе изработи проект, а возобновувањето на отворениот амфитеатар ќе започне во првата половина на месец април оваа година откако претходно треба успешно да завршат сите тендерски процедури за избор на изведувач на градежните работи, истакна Груевски.
 
Тој посочи дека ќе бидат инвестирани околу 8,5 милиони евра и ова е објект наменет за младите каде што ќе се одржуваат концерти, претстави и други културни настани и ќе биде единствен во целиот регион.
 
Груевски посочи дека амфитеатарот во Охрид е со седишта за 3500 посетители додека овој во Скопје ќе биде со 9000.
 
 
Комплетно реновирање на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје
 
-Комплетно реновирање на градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Се предвидува ставање во употреба и на вториот кат од библиотеката, кој долг период е вон функција, што ќе го зголеми капацитетот за над 200 места. На вториот кат ќе бидат ставени во функција кабини за индивидуално и групно учење, а на располагање ќе биде и просторија со десетина компјутери. Дополнително, ќе се реконструираат и дел од просторите на првиот кат за подобри услови за учење, истакна Груевски.
 
За оваа намена Градот Скопје инвестира 300.000 евра и започнува со реализација во јануари 2017.
 
 
Ќе се обезбедат стипендии на средношколци кои ќе освојат награда на научна олимпијада
 
Мерката е наменета за средношколците кои ќе  освојат награда на една од 12-те меѓународни научни олимпијади. Тие ќе добијат годишни стипендии, кои ќе ги примаат 12 месеци.
 
-За освоен златен медал, средношколецот ќе добива по 12000 секој месец цела година. За освоен сребрен медал на добитникот ќе му се исплаќаат по 10000 денари 12 месеци. Средношколците кои ќе освојат бронзен медал, 12 месеци ќе добиваат по 8000 денари, истакна Груевски.
 
Лидерот на владејачката партија потенцира дека истата награда што ќе ја прими ученикот, ќе ја прима и наставникот по математика кој го водел ученикот и го довел до ниво за меѓународна награда.
 
-На меѓународните научни олимпијади учествуваат по 4-5 средношколци од секоја земја. Учесниците се избираат според остварениот резултат на научната олимпијада во Република Македонија. На сите средношколци кои ќе ги освојат високите места на домашниот натпревар ќе им биде доделен ваучер од 30.000 денари, додаде Груевски.
 
Оваа мерка ќе ја спроведува Министерството за образование и наука, а истата ќе започне од месец октомври оваа година.
 
Ќе се градат нови пет скејт паркови
 
Во Штип, Кавадарци, Охрид, Тетово и Куманово ќе се градат современи и модерни скејт паркови за младите лица. Овој проект денеска го објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
 
-Ќе се изградат пет нови паркови во кои младите кои се занимаваат со екстремни спортови ќе можат да развиваат вештини како врсниците во Европа и светот. Ќе има повеќе рампи и скокалници, а паркот ќе биде изработен од специјална подлога поради поголема безбедност и дрвена конструкција, изјави премиерот.
 
Агенцијата за млади и спорт во соработка со локалните самоуправи ќе започне со градба од 2017 година, по извршување на неопходните подготовки.