Македонија
31. August 2016 - 14:11

Нови 30 државни вработувања за децата без родители и родителска грижа

Триесет лица кои до 18 годишна возраст имале статус на деца без родители и родителска грижа ќе бидат вработени во државната и јавната администрација преку програмата на Владата Д10, за што огласот е објавен денеска.

- Денеска е распишан новиот јавен повик за вработување на 30 деца без родители и родителска грижа, односно лица кои имале ваков статус до 18 години, во Министерството за труд и социјална политика преку Програмата Д10. Во Министерството тие ќе поминат квалитетна обука, ќе се стекнат со работно искуство, а потоа дел од нив, околу две третини, ќе бидат преземени во останатите институции, а останатите ќе останат да работат во МТСП, информира министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, при посетата на Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“ во Скопје.

Со овој чекор, додаде тој, ја продолжуваме оваа Програма која започнавме да ја реализираме пред околу четири години.

- За годинава и за наредната имаме обезбедено околу два милиони денари за реализација на овие 30 вработувања. По завршувањето на овој оглас преку неа ќе бидат вработени вкупно 173 лица кои имале статус деца без родители и родителска грижа до 18-годишна возраст во јавната и државната администрација, првично преку МТСП, рече Спасов.

Тој потсети дека во изминатиот период Владата на Република Македонија направила многу за децата без родители и родителска грижа.

- Реализиравме огромен број проекти со кои го подобривме нивниот живот. Досега околу 176 социјални станови се дадени на користење на овие лица. Годишно во просек околу 200 деца ја користат месечната финансиска поддршка во износ од 24.000 денари за редовни додипломски и постдипломски студии. Исто така, во голема мера помага и зголемената еднократна помош што ја добиваат кога ќе наполнат 18 години којашто сега изнесува околу 3.000 евра, како и Програмата Д10 за вработување на овие деца преку која досега се вработени 143 деца без родители и родителска грижа, рече министерот за труд и социјална политика.

Потенцира дека Владата и Министерството прават големи напори за да се подобри работењето на институциите, да се воспостави соработка меѓу сите оние кои згрижуваат деца без родители и родителска грижа.

- Тука би ја потенцирал и целосната финансиска поддршка на згрижувачките семејства во СОС-детските села и зголемувањето на надоместокот за згрижувачки семејства во износ од 50 проценти, рече Спасов.

Потенцира дека грижата за децата без родители и родителска грижа мора да продолжи и во иднина, а проектите, како што рече, мора да продолжат да се реализираат и овие деца не смеат да бидат оставени на маргините на општеството како што било тоа случај во минатото.