Македонија
27. јуни 2022 - 13:55

Нови 29 поручници стапија на служба во Армијата

Дваесет и девет кандидати се стекнаа со чин поручник и ќе стапат во служба на Армијата на Република Северна Македонија.

Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – касарна „Гоце Делчев“ во Скопје, денеска се одржа свечено доделување на уверенија по повод завршување на шестмесечниот курс за стручно оспособување офицери за службите на Армијата и промоција во чин поручник.

Уверенијата се резултат на конкурсот за запишување на кандидати со завршен прв циклус на студии по машинство, електротехника, компјутерска техника и информатика, архитектура, урбанизам и планирање, градежништво и водостопанство, медицински науки и здравство – општа медицина, технологија на прехранбени производи, текстилна технологија, сообраќај и транспорт, ветерина, психологија, економски науки или правни науки за стручно оспособување и усовршување за потребите на министерството и Армијата кој бил објавен минатата година.

Заменик министерот за одбрана Башким Хасани, на доделувањето на уверенијата им порача на поручниците дека одбрале високо ценета и угледна професија, со која, како што рече, „ќе ѝ служите на нашата татковина“.

– Станувате дел од Армијата на Република Северна Македонија, која заслужено е на пиедесталот како институција со најголема доверба кај граѓаните. Јас сум убеден дека и вие, како и вашите колеги ја заслужувате и со секој поминат ден, со секоја завршена задача ќе ја оправдате таа доверба во одбраната, во Армијата, рече заменик министерот.

Тој посочи дека му е задоволство што трендот во, како што рече, „еден исклучително важен сегмент на одбраната – родовата еднаквост и родовата перспектива“, продолжува да се зголемува.

– Тука меѓу Вас има 17 мажи и 12 жени. Нека ова биде пример и доказ дека воената професија е професија која не гледа пол и род, туку само и единствено квалитет, посветеност, мотивација. Продолжете да бидете најдобри, зашто тоа е единствениот пат до успехот, порача Хасани.

Тој истакна дека ние не сме најголемите во НАТО, ниту воено најсилни, но „заедно со целата армиска и одбранбена структура може да бидеме побрзи и поамбициозни“.

Заменик министерот информираше и дека со новите предлог измени на Законот за служба во Армијата, кои заеднички ги усогласиле со сите синдикати на одбраната и ги доставиле до Собранието на финална постапка, направено е и дополнување во делот на стипендирање на млади лица кои студираат и се образуваат за таканаречени критични специјалности – области кои се потребни на Армијата и на нашата одбрана, а ги немаме доволно

– Стипендијата ќе биде наменета за прв циклус академски студии и ќе ги опфати сите години на студирање. Селектираните лица ќе бидат стипендирани во висина до 80 отсто од просечната месечна нето плата во државата, во зависност од студиската година која ќе се стипендира, а по завршувањето на студиите, стипендистите ќе бидат примени на служба во Армијата со склучување на договор за вработување, појасни Хасани.