Македонија
15. November 2017 - 17:15

Нови 16 инкубатори доби ГАК, уште 10 ќе добијат болници и клиники низ државата

На Одделението за интензивна нега на Клиниката за гинекологија и акушерство пристигнати се 16 инкубатори со сите составни делови кои од денеска може да се користат. Инкубаторите се донација од Владата. Уште десет инкубатори ќе бидат доставени до болници и клиники низ Република Македонија.

Ова денеска го изјави премиерот Зоран Заев, кој по повод донацијата го посети Одделението за интензивна нега на Клиниката за гинекологија и акушерство.

- Веруваме дека со оваа донација ќе придонесеме кон зголемување на квалитетот на грижата на предвреме родените новороденчиња. Во другите клиники низ Република Македонија ќе бидат доставени уште плус десет инкубатори и тоа во општите болнции во Штип, Тетово, Струга, Прилеп, Охрид, Куманово, Битола, Гостивар и Струмица, како и на Специјалната болница за гинекологија и акушерство Чаир во Скопје, истакна Заев.

Посочи дека грижата за новороденчињата е и ќе продолжи да биде еден од врвните приоритети на Владата и суштинска вредност во нашето работење.

- Македонија е земја со многу висока смртност на новороденчињата. Ако во минатото не се посветуваше доволно внимание на овој проблем денеска ја користат можноста да ги повикам сите општествени чинители, политички субјекти, институции, општествено одговорни компании, граѓански организации, граѓани заедно да работиме, да се бориме со овој горлив проблем за да ја промениме оваа состојба и да преземеме акции за заштита на здравјето и животите на граѓаните, рече Заев.

Горчината во душата што ја чувствуваме кога ќе го слушнеме процентот на смртноста на бебињата, потенцира, крајно време е да ја отстраниме од нашите души. 

Додаде дека ваквите донации се пример дека можеме заедно и државата и приватниот сектор да придонесеме кон решавање и на најгорливите проблеми што ги мачат граѓаните.

Ламбро Патче од Пивара Скопје рече дека во пресрет на 17 ноември, Светски ден на предвремено родените деца дека одлучиле целосно да го обноват Одделението за за перипартална интензивна нега на оваа клиника.

- Нашата донација се состои од најсовремени болнички кревети, медицинска опрема и мебел, рече Патче и најави уште еден проект преку кој ќе им помогнат полесно да ја надминат здравствената заштита и помош на мајките и дечињата, дода Патче.

Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство Викторија Јовановска за заблагодари за донацијата од Владата и од АД Пивара-Скопје. Посочи дека просторот и натаму ќе остане горлив проблем, бидејќи згрижуваат редовно околу 50 дечиња, а имаат место и персонал за 25 деца.

- Благодарение на разбирањето на премиерот и Владата веќе се подготвува начин како да се растерети Клиниката. Со инкубаторите кои ги набавија и за другите центри ние ќе можеме да се растеретиме односно дечињата кои се извлечени од критична состојба ќе се препраќаат назад кон матичните центри и ние ќе можеме тука да згрижуваме повеќе дечиња, додаде Јовановска.