Македонија
24. March 2020 - 19:53

Нови 12 случаи со коронавирус, 7 во Скопје и 5 во Куманово – во Куманово забрана за влез и излез на јавен превоз

Двајца доктори и една медицинска сестра од кумановската болница кои имале контакт со починатата пациентка се заразени со коронавирус, информираше министерот за здравство. Тие се меѓу 5-те нови случаи дијагностицирани во Куманово. Се чекаат резултатите од земените брисеви на други 63 лица вработени во болницата и роднини на починатата 57 годишна жена. За да се спречи ширење на вирусот во оваа општина, Владата донесе одлука од утре да се укине меѓуградскиот и градскиот јавен превоз во Куманово и да се затворат сите продавници во трговските центри.

-Сметаме дека со овие мерки и укинување на врските има сериозна шанса да се спречи патот на ширење на вирусот, изјави -д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Изминатите 24 часа освен во Куманово, 7 случаи со Ковид 19 се регистрирани и во Скопје, со што вкупната бројка на заболени во Македонија се искачи на 148. Од нив 29 се на лекување на Инфективната клиника. И понатаму критична е состојбата на првата пациентка од Дебар, а шест лица се со потешка клиничка слика, но се уште не се зависни од респиратор. Од утре во земјава ќе почне да се применува и експерименталната терапија за коронавирус.

-Комбинацијата што ја содржи лекот хлоркинин и азитромицин што се покажа како ефективен во повеќе земји и таа одлука ќе биде аплицирана од утре и во болнички и во домашни услови по соодветна индикација од лекарот, бидејќи е потребна прво проценка на клиничката состојба и се дава кај одредена група не кај сите, рече Филипче.

Најмладиот пациент заразен со коронавирус во земјава е две годишно дете од скопје, а највозрасниот има 91 година. И родителите на детето се заболени од Ковид 19, соопшти Филипче. Од утре вработени во ИЈЗ ќе почнат тестирање и на 200 лица кои поради контакт со заболената поранешна директорка на Кожната клиника поминаа 14 дена во изолација. Инаку досега преку преку Мој термин матичните доктори закажале земање брисеви на 170 лица со што термините се пополнета за наредните 2 дена.

-Без закажување неможе да се оди во пунктовите, рече Филипче.