Бизнис
17. February 2017 - 16:44

Нови 10 илјади вработувања со оперативниот план за вработување за 2017 година

Нови 10.000 работни места треба да донесе владиниот оперативен план за намалување на невработеноста во 2017 година. Програмите и мерки во него тежат 14.200.000 евра што е за 2,6 милиони евра повеќе од лани. Планот предвидува 22 програми и мерки со кој ќе бидат опфатени над 40.000 невработени. Владата очекува планот успешно да се реализира затоа што искуството од претходните години е позитивно.

Македонија вработува е само една од програмите содржани во планот. Тој уште предвидува поддршка за отворање на нови 1000 микрокомпании, и натаму ќе се доделуваат грантовите за почнување сопствен бизнис, а сумата овој пат е зголемена од 3 на 4000 евра. Ќе има поддршка од 4.500 за лицата со попреченост да отворат своја фирма, потоа грантови од 10  и 12.000 евра за отворање детски градинки и домови за стари лица. Со планот се предвидени обуки за над 7000 невработени. Особен фокус планот става на младите до 29 години и на невработените жени. За програмите можат да аплицираат сите евидентирани невработени лица.

- Сите невработени лица кои се евидентирани во Агенцијата за вработување на РМ како активни баратели на работа имаат пристап до услугите и програмите, односно мерките за вработување утврдени со Планот. Правото на учество се определува врз основа на условите и критериумите дефинирани за секоја поодделна услуга и програма, односно мерка за вработување, а како општо правило се настојува да се постигне еднаква застапеност на мажи и жени, како и учество на младите лица до 29 години од најмалку 30 проценти, истакна Ибрахими.

Планот ќе почне да се рализира веднаш. Првиот оглас ќе биде распишан веќе наредната недела

- Се надевам дека до крајот на оваа година ќе ги постигнеме сите предвидени таргети и не само што ќе ја оствариме бројката од минимум планирани 10 илјади, туку ќе оствариме најмалку 5.000 повеќе вработувања, истакна Поповски.

Ваквите активни мерки кои ги спроведува владата во изминатите 10 години придонесоа да бидат отворнеи близу 170.000 нови работни места, а  невработеноста да се намали од 38% во 2005 на 23,4% минатата година. Планот на Владата е до крајот на идната година невработнеоста да падне под 22%, а за четири години да изнесува меѓу 17 и 18%.