Бизнис
20. November 2019 - 16:37

Нова веб платформа за трошењето во државните институции - трошоците на општините повторно ги нема

Трошењата на општините и натаму ќе  останат  непознати за јавноста. На новата финансиска платформа граѓаните во секое време ќе можат да видат во  каква  состојбата е буџетот и  сите плаќања што ги направиле министерствата, владата, фондовите, комисиите, судовите, обвинителствата, државните агенции, но не и оние на локалните власти. 

Парите кои тие ги добиваат од централниот буџет се евидентирани, но засега не може да се види каде ќе се трошат. Заев уверува дека на тоа  ќе се работи во следниот период , но тврди дека ќе биде сложен процесот.  

За ВМРО – ДПМНЕ ова е уште еден  квази проект со кој власта ќе ги лаже граѓаните.

Заев и Ангеловска мора да одговорат каде се потрошени околу 700 милиони евра, пари за кои е зголемен јавниот долг откако Заев е на власт. За околу 700 милиони евра е зголемен јавниот долг, а не гледаме ниту километар од ветените 600 километри НОВ автопат, 550 километри НОВИ магистрални патишта или 1100 километри НОВИ  локални патишта. Транспарентност е кога Заев ќе каже каде се потрошени тие 700 милиони евра, а притоа ништо не е направено. Заев расипнички ги троши парите на граѓаните. Овие три години колку што е на власт Македонија само стагнира и губи, се вели во дописот од партијата.

Инаку токму за покривање на долговите на општините владата  со ребалансот на буџетот лани обезбеди  50 милиони евра. Ваквиот потег на владата наиде на критики  во јавноста. Сепак од финансии тврдат дека најголем дел од општините  ги искористиле средствата.

Според  финансиската платформа најмногу  пари од државниот во  октомври  примил  МРТВ, а најмногу средства исплатиле  ПИОМ, и  министерството  за труд.

Во моментов на платформата има 12  милиони трансакции, листата треба да се ажурира на секој две недели.