Македонија
28. March 2019 - 8:43

Нова средба на работните групи за идниот статус на СЈО

Работните тимови на власта и на опозицијата денеска ќе одржат нова средба во обид да се постигне согласност за законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на СЈО.

Средбата е закажана во 18 часот во Министерството за правда.

Двете страни иако инсистираат на своите ставови, велат дека разговорите не се пропаднати.

Заев завчера во тв дуелот со Мицкоски најави дека ќе прифати се што не подразбира заштита на криминал и е согласно Уставот и законите. На Фејсбук, пак, по дуелот, напиша дека СЈО е веќе создаден институционален капацитет и нема потреба да се уништува.

– Напротив, како него треба да се водат сите други. Затоа со новиот закон, СЈО, ќе биде оддел во јавното обвинителство со јасни ингеренции. Проблемот за опозицијата е што очигледно сака да го штити криминалот, па не го поддржува овој реформски закон. Одговорете на едноставно прашање: дали сакате Северна Македонија да напредува или сакате да ја видите закочена и повторно да не добие датум за преговори, кој го чекаме од 2005 година?, напиша Заев во пораката до Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски на тв дуелот кажа дека до Министерството за правда и до меѓународната заедница доставиле 65 амандмани, откако Министерството претходно ги прифатило принципите што го побараа – правда за секого и сите, меѓународни правила и прописи инкорпорирани со сето значење и почитување на човековите права согласно принципите на Судот во Стразбур, ЕК и Венецијанската комисија.
 
Од Министерството за правда потврдија дека вечерта по завршувањето на тв дуелот меѓу Заев и Мицкоски, до нив пристигнале амандманите за законот за јавно обвинителство на ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, се одвиваат консултации за законот и со помалите парламентарни политички партии.