Македонија
23. February 2016 - 16:41

Нова спортска сала во АСУЦ „Боро Петрушевски“

Нова фискултурна сала за потребите на средното автосообраќајно училиште АСУЦ „Боро Петрушевски“ денеска почна да се доградува на веќе постоечките темели кои биле започнати во 2005 година.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на почетокот на градежните работи од првата фаза од проектот појасни дека салата ќе има приземје со површина од 1.015 метри квадратни, како и кат со вкупна површина од 408 м2.

- АСУЦ „Боро Петрушевски“ досега немаше фискултурна сала и учениците наставата по физичко воспитување ја остваруваа во повеќе сали надвор од училиштето, пред се во салата на „Металург“ во Автокоманда, како и салата на СУГС „8 Септември“, истакна Трајановски.

Според него со изградбата на новата фискултурна сала за околу 930 ученици кој посетуваат настава во АСУЦ „Боро Петрушевски“ ќе се подобрат условите за одржување на настава по физичко воспитување.

Директорката на училиштето Соња Ристоска истакна дека новата фискултурна сала ќе овозможи нормално одвивање на наставата по физичко воспитување и дека првата фаза од изградбата треба да заврши за 7 месеци.

Со првата фаза од проектот предвидено изградба на објектот до карабина, додека внатрешното уредување и опремување ќе се изврши во втората фаза. За реализација на првата фаза Град Скопје ќе издвои 10.859.769 денари, а градежните работи ќе ги изведува ГП „Гранит“.