Македонија
12. February 2018 - 20:45

Нова рунда преговори, Димитров-Коѕијас на состанок со Нимиц во Виена

Нова средба во рамките на процесот на преговори за решавање на спорот со името меѓу Македонија и Грција, под посредништво на медијаторот Метју Нимиц на ниво на министери за надворешни работи ќе се одржи утре во Виена, соопштија од МНР.

Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас вечерва ќе се состанат во Виена, а утре ќе имаат заеднички состанок со Нимиц на кој е предвидено да се интензивираат преговорите и ќе го разгледаат предлогот на медијаторот. 

Вo истo време сo сooпштението oд мaкедoнскoтo МНР, сo сooпштение излезе и Министерствoтo зa нaдвoрешни рaбoти нa Грцијa, кое што ги објави истите информации, јaвувa дoписникoт нa МИА oд Атинa. 

Новата рунда преговори уште минатата недела ја најави премиерот Зоран Заев. 

Премиерот, кој минатиот месец во Давос имаше директна средба со својот грчки колега Алексис Ципрас, на која ги изнесоа позициите на двете страни во преговорите за името и се договорија за одредени отстапки со цел да му се даде поттик на процесот, минатата недела посочи дека Македонија прави се за да докаже дека нема никакви иредентистички побуди.

Меѓудругото двајцата премиери тогаш најавија и дека преговорите ќе се покреваат на повисоко ниво, односно на ниво на министри за надворешни работи.

Заев ја изрази и подготвеноста на македонската страна да се прифати географска одредница, но напомена дека не гледа потреба за промена на Уставот на земјава.

Сложено име и за надворешна и за внатрешна употреба, за кое треба уставна промена и повлекување на секакви сомнежи за иредентистички ставови, е рамката што го гарантира затворањето на проблемот, најави денеска Ципрас на состанокот на пратеничката група на СИРИЗА. 

Преговорите меѓу Македонија и Грција беа обновени на 12 декември минатата година во Брисел, кога со медиајторот Нимиц се сретнаа преговарачите Васко Наумовски и Адемантиос Василакис. На последната рунда разговори за името што се одржа на 17 јануари во Њујорк медијаторот Нимиц излезе со сет сугестии и предлози и оцени дека на повидок е решение на долгогодишниот спор меѓу Грција и Македонија. 

Медијаторот кон крајот на минатиот месец ги посети Атина, а потоа и Скопје, каде имаше одвоени средби со грчкиот и македонскиот државно-политички врв.