Македонија
1. October 2015 - 15:53

Нова ректорска управа на Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола

Новоизбраниот Ректор на Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола (УКЛО), проф. д-р Сашо Коруновски денеска на прес-конференција ја претстави новата ректорска управа и програмата за работа во наредниот четири годишен период.

Според Ректорот Коруновски, платформата која ќе ги обединува поединците и институциите под заедничкиот покрив УКЛО се потпира на принципот интегриран Универзитет.

- Нашиот мандатен период ќе биде одбележан со понуда на атрактивни студиски програми, флексибилен и динамичен образовен процес, односно понуда на препознатливи професии и надополнување со студиски програми кои ќе бидат потребни во иднина како резултат на технолошкиот развој и флексибилност во смисла на понуда на алтернативни модели на формално и неформално образование, реализација на системот на контрола на квалитетот според Европската агенција за евалуација во високото образование и обезбедување на транспарентност на образованиот процес преку користење на платоформи за електронска достапност на предметните програми, истакна Коруновски.

На прес-конференцијата беше посочено дека новата ректорска управа ќе продолжи да ја негува академската традиција и поврзување со бизнис заедницата, ќе се интезивира издавачката дејност како и меѓународната соработка.

- Ќе се поврзуваме со бизнис заедницата, ќе формираме универзитетски Совет и одбори за доверба со јавноста на универзитетските единици. И во наредниот период ќе се издава списанието „Хоризонти“, креирање на репозиториум, соработка со универзитетските библиотеки, подобрување на студентскиот стандард и отпочнување на постапка до воведување на електронски или е-индекс. За студентите и наставниците ќе биде мотивирано меѓународното присуство и активност преку учество во креирањето на развојните платформи на универзитетите и реализирање на мобилности во европскиот образовен простор, нагласи Коруновски.

На новоизбраниот Ректор на Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола, проф. д-р Сашо Коруновски ќе му помагаат проректорите Марјан Ангелески за настава, Елизабета Бахтовска за наука, Виолета Маневска за студентски работи и Светлана Николоска која ќе ја врши функцијата проректор за финансирање.